Во заостанатиот натпревар од 3. коло од СЕХА лигата попладнево во Скопје, Металург и Загреб КО одиграа нерешено 27:27 (13:15).
Со овој освоен бод ракометарите на Загреб КО избија на првата позиција на табелата со 31 бод, пред Татран Прешов со 30, а Вардар е трет со 25.
Металург пропушти шанса за победа откако во последната минута влезе со предност од 27:26, но по техничката грешка гостите преку Сандро Обрановиќ изедначија на 27:27. Во последните десет секунди македонскиот вицепрвак упати удар кон противничкиот гол, но шутот на Павел Атман не заврши во мрежата на Загреб.
Кај Металург Атман со 6 голови беше најефикасен, додека кај Загреб КО Лука Шебетиќ постигна 7 голови.
Металург со освоениот бод е на 4. место, со вкупно 19 или еден повеќе од Мешков Брест.
До крајот на календарската година во СЕХА лигата ќе се одигра уште еден натпревар. Во вторник во СЦ „Борис Трајковски“ ќе играат македонските екипи Вардар и Металург.


