Вијести – Подгорица
На нишан на кампањата на Берлускони на систематско оцрнување се наоѓаа и новинари кои се сметаа за најдобри во струката Човекот за кој толку се зборува дека во Италија доволно е да се каже Б, па сите да знаат за кого се работи, се чувствува прогонет од медиумите и системот, наспроти тоа што добар дел од последните 20 години го помина како премиер и сопственик на медиумската империја.
Не сметајќи ги компаниите надвор од медиумскиот сектор, Б поседува телевизиски канали – мрежата Медиасет, издавачката куќа Мондадори, повеќе списанија и еден дневен весник Ил Џорнале, моментално во сопственост на братот, а трн во око од секогаш му претставувале медиумите над кои нема контрола, вклучувајќи двата најчитани дневни весници Кориере дела Сера и Ла Република.
– Големите весници, почнувајќи од Кориере дела Сера, приватните телевизиски куќи Скај и Ла7 и РАИ која е платена со наши пари, сите се на страна на левицата – се жалеше господин Б, во една од емисиите Порта а Порта, кај новинарот Бруно Веспа.
Како верен Медиасетов новинар Емилија Федеа, Веспа за Силвио Берлускони е сигурен новинар, во кој често навраќа, поточно кога ќе посака да ги изнесе своите ставови мимо каналите во своја сопственост, а сепак во контекст во кој новинарот нема да му поставува незгодни прашања.
Во останатите политички емисии на државната телевизија, која зад себе има историја на поделба на каналите во согласност со пропорциите на политичките сили во парламентот, наклоноста на господин Б не е ни приближно гарантирана. Во таа емисија Берлускони не навраќа често, а се погрижи и најпопуларните критички настроени емисии да ги тргне од јавниот сервис.
Токму овој термин, јавен сервис, поранешниот премиер со години го (зло)употребува кога сака да го намали значењето на емисиите кои не го прикажуваат во најдобро светло – според неговите ставови, како и острите критики на мнозинската власт не му е местото на канал кој го плаќаат гласачите.
Во негова корист одат многу примери со кои управата на РАИ докажа дека води повеќе сметка за интересите на владејачката партија, отколку за приходите од популарните емисии.
Судии комунисти и закони по мерка
Како еден од најбогатите Италијанци, Б навикнал на апсолутен авторитет во својата приватна империја, па демократскиот систем на поделба на власта делува како неправедно ограничување на првиот човек на владата.
– Ние сметаме дека суверенитетот припаѓа на народот, а тој е всушност во рацете на демократското судство и неговите обвинители. Јас имам само една моќ – а тоа е да предложам закон на парламентот. Ова е позната жалопојка на премиерот богаташ кој таа своја единствена моќ ја употребува на крајно креативен начин.
Речиси 30 судски процеси се покренати против Берлускони, како што тој милува да каже, судии комунисти, а неговите луѓе во парламентот молневито реагираа, предлагајќи закони достојни на стекнатиот прекар: leggi ad personam (закони по лична мерка).
Според наодите на новинарот Марко Траваља, кој својата кариера ја посветил на изучување на малверзациите на премиерот милијардер, закони кои заслужуваат етикета ad personam имаше околу 40 од влезот на Берлускони во политиката од 1994 до денес.
Со години во парламентот систематски беа кроени правила по мерка и потребите на богатиот премиер, овозможувајќи на неговите компании стотици милиони евра заштеда од даноци, саботирање на работата на конкурентските ТВ канали, но и оневзоможување на работа на и така пребавното судство на случаи поврзани за: корупција на полициски службеници и судии, милионски затајувања на данок, соработка со мафијата и фаворизирање на малолетна проституција – области кои на меѓународната јавност станаа познати како негова потесна специјалност.
Наспроти неверојатната вештина со која биле прегледувани и изгласувани законите ad personam, вакво празнење на единствената моќ на поранешниот премиер не било доволно. Требаше да се убедат гласачите, а познато е која тактика важи за најдобра одбрана.
Од тука систематските напади на судиите и на критички настроените медиуми од страна на Берлускони и обидите за дискредитирање на истите со обвиненија дека се работи за комунисти кои го прогонуваат водени од политичките интереси.
Оваа стратегија зачестила во Италија под терминот механизам за оцрнување (la macchina del fango), терминот влезе во употреба неколку децении пред влегувањето на Берлускони во политиката. По игра на случајот, на нишан на кампањата на Берлускони за систематско оцрнување се наоѓаа и новинари кои важеа за најдобри во струката.
Вирус, антитела и бугарски диктат
Се почна со познатиот Индри Монтанели, основач на весникот Ил Џорнале, кој денес е во сопственост на семејството на Берлускони.
Иако Берлускони стана мнозински сопственик на овој весник уште во 1977 година, тој во уредничката политика на Монтанели не се мешаше се до почетокот на својата прва предизборна кампања во 1994 година, кога на специјално свикан состанок од редакцијата побара да ја поддржат неговата кандидатура.
Монтанели, кој до тој момент непречено оперираше под паролата Берлускони е сопственик, јас сум газда, во знак на протест се повлече од весникот на кој беше основач. Монтанели подоцна го оцени Берлускони како вирус против кој Италијанците можат да развијат антитела откако ќе го изгласаат на власт.
Монтанели кој почина во 2001 година, не можел да замисли дека ќе биде потребно толку време тие антитела да заживеат.
По Монтанели, на дневен ред дојдоа Енцо Бјаџи, прогласен за најдобар италијански новинар во 20 век, Микеле Санторо и популарниот сатиричар Даниеле Лутаци.
Отпуштањето на наведените автори на тогаш најпопуларните политички програми на РАИ телевизијата, Берлускони индиректно наредил во медиумско обраќање познато како бугарски диктат. – Начинот на кој Бијаџи, Санторо и Лутаци ја користат државната телевизија, која сите ја плаќаат, е криминален и сметам дека конкретна обврска на новата управа е да не дозволи ова да се повтори – изјави тогаш премиерот на Италија Берлускони на конференција за новинари во Софија на 18 април 2002 година.
Неколку месеци по оваа изјава, кариерата на тројцата новинари во јавниот сервис беше завршена.
Микеле Санторо се врати во РАИ по четири години, во моментот кога Берлускони не беше на власт, почнувајќи со емитување на една од најпопуларните италијански политички емисии на сите времиња.
Со емисијата Ано Зеро се остваруваа огромни приходи за РАИ и емитување остри критики на сметка на Берлускони. На повеќекратниот премиер и медијски тајкун не му одговараше ни едното ни другото. Огромната гледаност на РАИ не одеше во корист на империјата Медиасет. Колку РАИ е помалку гледана, толку е поголема заработката од рекламите на каналите на Медиасет, а вештиот милијардер не пропушташе прилика да го насочи политичкото влијание со суптилно саботирање на јавниот сервис. Со укинување на популарните дисидентски емисии, убиваше две муви со еден удар. По враќањето на Берлускони на власт, емисијата на Санторо повторно престана да се емитува во 2011 година, откако нему и на соработникот Марко Траваљи не им беше обновен договорот. Овој пат Санторо дефинитивно ја напушти РАИ, а со него заминаа и 45 милиони евра годишни приходи од рекламите. Санторо премина на приватниот канал Ла7 каде почна нова емисија со сличен формат и провокативно име – Јавен сервис.
Првото издание на емисијата го видоа пет милиони луѓе преку интернет порталот на тв куќата и уште два милиона преку своите тв апарати.
Трагично беше и отпуштањето на Енцо Бијаџи, на кого по бугарскиот диктат му беше укината емисијата Il Fatto, која успешно ја водеше од 1995 до 2002 година и која две години подоцна беше прогласена за најдобра емисија во првите 50 години на РАИ.
Бијаџи на бугарскиот диктат реагираше истата вечер во сопствената емисија изјавувајќи: Работам за РАИ од 1961 година и ова е првпат еден премиер да одлучува за програмата. Драги гледачи, по 814 епизоди, ова може да биде последна емисија Il Fatto. Подобро да бидеш избркан поради кажана вистина, отколку да останеш на сметка на одредени компромиси.
– Господине претседателе, слободно издајте ги и следните наредби, моите години и респектот кој го имам кон себе ми забрануваат да се прилагодувам кон вашите желби.
Се уште сум убеден дека дури и во оваа компанија која како што правилно потсетувате, припаѓа на сите и значи треба да се слушнат сите мислења, се уште постои простор за слобода на печатот: фрлете поглед на Уставот, тоа го пишува и таму – додаде Бијаџи.
Следните месеци, познатата емисија на Бијаџи прво беше тргната од ударниот термин, а потоа префрлена на РАИ 3 и на крај укината, откако новинарот се откажа од обнова на договорот.
Продолжи да пишува колумни за Кориере дела Сера, а по заминувањето на Берлускони од власта се врати на кратко на РАИ со нова емисија, само неколку месеци пред својата смрт во 2007 година.
Го избрка и Савијано
Сличен механизам беше применет и за емисијата Vieni via con me, на новинарот Роберт Савијано, автор на познатата книга за неаполската мафија Гомора (по игра на случајот книгата ја издаде токму издавачката куќа на Берлускони, Мондадори).
Управата на РАИ, на чело со човекот од доверба на Берлускони, Мауро Маси, спроведе низа обиди да го саботира емитувањето на емисијата на Савијано наспроти секоја логика, со оглед дека калибарот учесници на емисијата вети незапамтена гледаност.
– Не сакаат да се емитуваат оние работи за кои што пишував во ударен термин и да дојдат до голем број на луѓе. Но, исто така, никој не сака да преземе одговорност за забраната на емисијата – изјави тогаш Савијано. Во таа прилика тој оцени дека директорите на РАИ телевизијата одбиле учество на личности кои секоја телевизија би ги прифатила со двете раце.
Дирекцијата на јавниот сервиз на почетокот го оправдуваше двоумењето со големите трошоци потребни за нејзина реализација.
Прочуениот глумец Роберто Бенињи, чија појава традиционално гарантира рекордна гледаност, реагираше солидаризирајќи се со Савијано, со понудата да гостува бесплатно, откако од управата се обидоа да го предомислат да не настапува, нудејќи му десетина од претходно понудениот хонорар.
Наспроти дилемите, четири епизоди на емисијата на Савијано беа емитувани со незапамтен успех.
Првата епизода, во која темите беа: мафијата и токсичниот отпад, власта на Берлускони и механизмот за оцрнување, обновата на Аквила по земјотресот, го надмина рекордот на гледаност на РАИ 3 каналот со 9 милиони гледачи, или квота од 33 отсто од гледачите. За споредба, Големиот брат, емитуван во паралелниот термин на Канале 5, оствари за една третина помалку.
Наспроти огромните приходи од реклами, управата на јавниот сервис продолжи со индиректни обиди на саботирање на емисијата, па потоа беше суспендирана по само четири епизоди, со најава на авторот дека еден ден ќе продолжи, но на друга мрежа.
Голем број Италијанци беа гневни поради ова занемарување на финансиските интереси на РАИ телевизијата, која во добар дел ја финансира својата работа наплатувајќи на секое домаќинство задолжителна годишна такса која моментално изнесува 113,5 евра, на сметка на јавниот сервис.
Италијанска аномалија
Според информациите од италијанските медиуми, само Ано Зеро на Санторо донесуваше приходи од реклами во висина од 45 милиони евра годишно, наспроти 6,5 милиони инвестиции. Ваквиот успех не го поштеди ни Санторо од притисок од управата.
Италијанците добро го помнат преседанот кога директорот на РАИ бараше телефонско вклучување на почетокот на епизодата која Санторо ја посвети на случајот Руби и Бунга Бунга скандалите.
Во таа прилика, директорот го предупреди Санторо пред гледачите да не ги крши правилата на компанијата и изјави дека тој се оградува од однесувањето на Санторо, а потоа следеше остар вербален дуел на двајцата пред милионска публика која во живо го следеше преносот.
Во друга прилика Санторо беше суспендиран на 10 дена, што подразбираше прескокнување на една епизода и најмалку половина милион изгубен профит од реклами, поради негативни забелешки во претходните изданија на емисијата на сметка на управата.
Италијанците го помнат и повикот на Берлускони во емисијата Баларо кога игнорирајќи ги обидите на новинарот Фабио Фацио да му постави прашања, го опсипа со критики на сметка на форматот на емисијата и изјави дека – италијанската аномалија не е Силвио Берлускони, туку тоа се судиите комунисти, кои ме нападнаа откако влегов во политиката и им ја одземав власта.
Случајот Европа 7
Еден од многуте примери на законите кроени во согласност со интересите на Берлускони е случајот со мрежата РетеКватро, која се уште се емитува под патронат на Берлускони, иако уште на почетокот на 90-тите беше наредена продажба на овој канал, во рамки на законот кој налагаше дека приватник не смее да поседува повеќе од 20 отсто од телевизискиот пазар.
Следат низа законски измени и необични маневри со кои во повеќе наврати беше продолжувано правото на емитување на каналот на Берлускони.
Колатерална штета на сметка на овие маневри плати тв куќата Европа 7, на која законски и беше доделено право на емитување во 1999 година, но која поради непрописно фаворизирање на РетеКватро успеа да го оствари своето право на емитување дури по 11 години, по интервенција на Европскиот суд.
Сите маневри на Силвио
Маневрите на Берлускони, според се судејќи продолжуваат. По повеќе од 20 години тужби, летово првпат дефинитивно е осуден на четири години затвор.
Оваа казна потоа, врз основа на законот за амнестија од 2006 година, беше променета во едногодишна казна, која повторно поради возраста од 77 години, беше изменета во општествено корисна работа.
На оваа пресуда следеше и забрана за вршење на јавни функции на две години, меѓутоа ни оваа пресуда не стапи веднаш во сила, бидејќи Берлускони е заштитен како сенатор, така што неговата политичка судбина ќе зависи од гласањето закажано на 27 ноември, кога пратениците ќе се изјаснат на темата укинување на неговата титула сенатор.
Наспроти се, Берлускони најави враќање во партијата Форца Италија.


