Скандалозна изјава на босански судија: Судството го контролира мафијата!

Босанскиот судија Бранко Периќ, против кого босанското обвинителство покрена две дисциплински постапки за случајот „Распиратори“, изјави дека судството го водат мафијата, политиката и партиите.

-Корупцијата стана механизам на управување и контрола на општеството, изјавил Периќ, за мрежата ФТВ.

Тој предупреди дека босанското општество е во сериозна криза.

-Нашето општество е целосно промашено, поради што пропаѓа и системот. Станавме општество без морална основа. Нема никаква одговорност. Ниту политиката повеќе не постои. Изборите се целосно дискредитирани. Владата се формира, не по резултати, туку врз основа на коалиции, поткуп, купување мандати. Во такво општество, корупцијата стана механизам за управување со општеството. Нема веќе никаков систем во општеството. Судството е дел од тоа промашено општество, во кое владеат политиката, мафијата и партиите, рече Периќ.

На крајот од неговата изјава тој саркастично додаде дека му останале две дисциплински постапки во Судот на Босна и Херцеговина.

„Заминувам прилично несреќен и со сериозна огорченост. Оставам систем кој е во целосен неред. Систем кој не ја извршува својата функција. Систем кој ми беше неблагодарен. Не заслужив да ме влечат по дисциплински постапки и да ме маваат со камења“, изјавил Периќ.

Во април годинава Периќ по изрекувањето на првостепената пресуда за случајот „Респиратори“ го кажа неговото мислење дека не се согласува со пресудата и дека кривичното дело за кое обвинетите се прогласени за виновни не е докажано.

Периќ претседаваше со судскиот совет кој ги осуди поранешниот премиер Фадил Новалиќ, суспендираниот директор на Федералната управа за цивилна заштита (ФУЦЗ) Фахрудин Солак и сопственикот на компанијата „Ф.Х. Сребрена Малина“ на Фикрет Хоџиќ на вкупно 15 години затвор за злоупотреби при набавка на респиратори вредни 10,5 милиони марки за време на пандемијата на коронавирусот, додека поранешната министерка за финансии Јелка Миличевиќ е ослободена од обвиненијата за несовесно работење во службата.

При изрекувањето на првостепената пресуда Периќ рече дека одлуката ја донеле мнозинството судии.

„Не го поддржав мнозинското мислење. Мојата оценка е сосема поинаква“- рече Периќ при изрекувањето на пресудата и изјави дека смета дека кривичното дело злоупотреба на положбата и намерите на обвинетите не се докажани, по што беше покрената дициплинска постапка против него.

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести