Македонските граѓани се меѓу водечките во светот по бројот на поминати часови пред ТВ приемникот односно по гледањето на телевизија. Ова не е измислена вест и податок креиран наменски за дневникот на ТВ Сител и за нашето лидерство во уште една област, туку релевантна статистика. Овој социолошки и комуникациски феномен карактеристичен за нашето општество остава трајни последици како врз менталниот, културниот и вредносниот развој на македонскиот граѓанин, така и врз општиот раст и развој на стопанството и општеството. Во просек еден Македонец гледа 288 минути телевизија дневно. Значи, поминува околу четири и пол часа пред телевизорот. За цели слоеви на населението “вошбената кутија со подвижни слики” е како член на семејството и тотем. Најлојални гледачи се пензионерите и невработените, па следат домаќинките, социјалците, учениците и студентите.
Една од водечките причини за стравотната количина на време потрошено за гледање на телевизија е економскиот статус, невработеноста и стандардот на граѓаните (останувањето дома и гледањето на телевизија најчесто е најефтината варијанта). Исто така како детерминанти се јавуваат и стилот на живот и менталниот код на граѓаните кои најчесто (навидум) за релаксација, информирање и “убивање на досада” распределуваат голем дел од своето слободно време на гледање телевизија. “Волшебната кутија” се повеќе се гледа и поради тоа што се помалку се чита и поради тоа што се помалку се оди на културни, уметнички и останати општествени настани. Сепак, една од најбитните причини за ширењето на страотниот феномен е тоа што, гледањето на телевизија овозможува најбезболен, најбрз и најсигурнен начин за бегство од суровата и бедна реалност, а и од себеси!
Доволно загрижувачки е податокот што квантитативно како нација гледаме многу телевизија, но повеќе од поразителен е податокот што најчесто гледаме неквалитетна, пропагандна и ступидна програма. Парадоксално, купуваме скапи и модерни телевизори за на нив да гледаме ефтина и неквалитетна програма. Не така многу одамна дел од нашето секојдневие (кое беше вбризгано преку ТВ приемниците) беа домашните програми како “Бушава aзбука”, “Умни глави”, “Погрешно време”, “Салон Хармони”, ”Ѕвон”, “Вртелешка”, ”Во светот на бајките”, “Дајте музика”, ”Опстанок”, “Наше маало” и многу други. Можеби кон нив сме посебно емотивни, субјективни и патетични (поради тоа што поголемиот дел од нас растеше со нив), но Македонецот денес во најголема мера е приморан да следи генерално нискобуџетни, а долготрајни турски сапуници. И српски реалити програми кои на сцена ги исфрлаат сите ниски страсти и морал; девијантно и промискуитетно однесување и целокупната културна агонија и вредносна пустина во која се наоѓаме. Додека се колнеме во љубовта кон татковината и во нашиот патриотизам дозволуваме малтене егзалтирано да гледаме шоу-програми на друг јазик, а не на нашиот мајчин јазик!
Не така многу одамна исто така гледавме многу домашни детски емисии, образовни и едукативни содржини, музички емисии, културни програми и политички дебати. Денес, Величенствениот Султан Сулејман, Полат Алендар, урнебесната Маја Николиќ, Баба Рада и Иван Исцелител со нивните реплики (“Убиј го и одери му ја кожата”, “Лажливке злобна” и слични реплики) и со нивните холистички совети станаа нашите херои. Информативните дневници и информативните емисии се исполнети со нарачани вести во служба на режимската пропаганда. Денес, нашата држава ја водат политичари кои многу ретко или воопшто не сме ги гледале како дебатираат, дискутираат и разменуваат идеи, мислења и различни ставови, не само со своите политички опоненти, туку и со (вистински, а не полтронски) новинари. Гледаме постери, клише пораки и пропагандно формирани фигури. Гледаме фикција – додека реално живееме во сиромаштија и работиме за кутија цигари и кратко еспресо.
Во земјата на стравот и апсурдот, сосема репрезентативна стана и следнава појава: иако понудената ТВ програма е се послаба и понеквалитетна бројот на поминати часови пред ТВ-приемникот од страна на граѓаните да се зголемуваат. Интернетот и кај нас испрати во пензија одредени сегменти од телевизиската понуда, но генерално гледањето на телевизија и понатаму останува национален “спорт” број еден. Стравотен број на минути поминуваме пред ТВ приемникот како нација. Тоа е поразително. Гледаме стравотна програма. Тоа е уште попоразително. Гледаме многу телевизија, но што добиваме за возврат?! Телевизијата може и треба да информира, едуцира и забавува, но нашиот телевизиски простор тоа во моментов не го нуди.
А што се би можеле да направиме со времето кое го користиме за гледање на телевизија?! Би можеле на пример, да прочитаме некоја убава книга или да се усовршиме во одредена дејност и во областа во која сме најдобри. Би можеле да се обидеме да бидеме претприемачи. Би можеле да се погрижиме за загадената животна средина. Би можеле да уживаме во природата и во физичката активност. Би можеле да одиме и да ги посетиме нашите родители, роднини и другари и да ги гушнеме. Би можеле да инвестираме многу повеќе во себе. Многу покорисни работи би можеле да правиме. Но, за да започнеме да бидеме барем малку повеќе продуктивни и посветени на сопствениот развој би требало барем на кратко да го покриеме ТВ приемникот со бел чаршав. Како за почеток…
Пишува: Перо Костадинов


