Во близина на познатиот плоштад Пјаца Навона во Рим, американски пар бил непријатно изненаден откако за два сладоледа им биле наплатени дури 44 евра. Случајот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде што многумина ги оценија цените како класичен пример за таканаречена „туристичка замка“.
Инцидентот се случил на 3 јуни за време на престојот на парот во Рим, на само неколку чекори од една од најпознатите туристички локации во италијанската престолнина. За ова јавно проговорила Никол Ен од Флорида, споделувајќи го своето искуство на социјалните мрежи
Нејзината објава за кратко време привлече големо внимание и отвори дискусија за транспарентноста на цените и односот кон туристите во најпосетуваните места на Рим“, пренесе Еуроњуз (Euronews).
Според нејзиното сведоштво, таа и нејзиниот сопруг влегле во слаткарницата Дон Нино со цел да купат две чашки сладолед. Секоја од нив содржела по три различни вкусови. Додека нарачката се подготвувала, вработените, како што тврди туристката, додале и други производи, меѓу кои макарунс (француски колачиња) и каноли со ф’стаци. Според неа, во моментот не било доволно јасно дека станува збор за дополнителни производи кои се наплаќаат одделно од сладоледот.
– Мислев дека рекоа 14 евра, напишала Никол во Фејсбук група посветена на совети за патување во Рим. Таа појаснила дека вистинската сума ја забележала дури откако ја погледнала сметката.
Фотографијата од сметката што ја објави на интернет покажува дека двете порции сладолед, наречени „Макси“, биле наплатени по 12 евра. Дополнително биле пресметани шлаг, макарунс и каноли со ф’стаци, поради што вкупниот износ достигнал 44 евра. Нарачката била консумирана на самото место, но без услуга на маса. Во својата објава туристката го опишала искуството како „туристичка замка“.
Сепак, во одговорите на бројните коментари нагласи дека нема цел да ја оспорува наплатата и призна дека пред купувањето требало повнимателно да ги провери цените.Таа, исто така, посочи дека за време на патувањето посетила повеќе места низ Италија, но дека никаде претходно не се соочила со толку високи цени за сладолед.
Објавата за кратко време стана вирална и предизвика стотици реакции од корисници ширум светот. Голем број луѓе изразија поддршка за американскиот пар и оценија дека цените биле претерани, додека други истакнаа дека во најфреквентните туристички зони цените често се значително повисоки отколку во останатите делови на градот. Случајот повторно ја отвори дебатата за ценовната политика во најпопуларните туристички дестинации и за потребата посетителите внимателно да ги проверуваат ценовниците и дополнителните трошоци пред да направат нарачка.
МИА


