Собранието ги изгласа законски измени за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д 

Собранието во рамки на денешното продолжение на 115-тата седница ги донесе измените и дополнувањата на  петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со  63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

Најмногу реакции во дебатата во Комисијата за европски прашања, како и на пленарната седница каде расправата заврши вчера предизвикаа измените на Законот за работни односи.  Со нив се носи одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот. – Поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес на Република Северна Македонија, има потреба тие да може да се спроведуваат и во недела. Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор. Исто така, работниците имаат право на дневен и неделен одмор, образложија од Владата. 

Со измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) се овозможува поедноставување на прометот и ослободување од данок на додадена вредност и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги којшто е извршен кон инвеститорот од страна на стратешкиот партнер, како и прометот кон инвеститор за цели на проектот од овој закон.

Измените и дополнувањата на Законот за експропријација, пак, треба да овозможат поефикасна примена на Законот за експропријација за реализација на градби од стратешки интерес за државата, а измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, предвидуваат да се воведе нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработката, постапката на донесување и спроведувањето на тој урбанистички проект.

Како посебен вид на градби, односно како градби од стратешки интерес се: државни патишта како градби чијашто изградба е предвидена со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), како и на железнички пруги и магистрални гасоводи, енергетски градби како и други инфраструктурни градби – утврдени како градби од јавен интерес. Изградбата на градбите од стратешки интерес е предвидено да се врши врз основа на урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен согласно Законот за урбанистичко планирање.

Најчитани вести