-Меѓународниот организиран криминал, тероризмот, илегалната миграција претставуваат предизвици кои ги засегаат не само нашите земји, туку и земјите од целиот регион и Европа, затоа од особено значење се двата договори со Грција, едниот за полициска соработка во борбата против организираниот криминал, а другиот за договор за реадмисија, за кои разговаравме со мојот грчки колега министерот за заштита на граѓаните, Панајотис Теодорикакос, за време на работната посета во Атина, вели Спасовски за ,,Та Неа”.
Министерот во интервјуто посочува дека е клучно да се продолжи со билатерална соработка во областа на безбедноста за стабилност во регионот. Од голема важност, додава Спасовски е и размена на информации и податоци на дневна основа со цел заштита на регионот.
-И двете земји, како членки на НАТО делиме исти вредности и исти можности за зајакнување на нашата соработка со цел стабилност на регионот. Нашиот регион е од посебно стратешко значење, што е предност, но ни носи доста предизвици. Секоја земја мора да биде посветена на одржување на мирот и стабилноста за граѓаните, рече министерот за грчка ,,Та Неа”.
Во врска со илегалната миграција, Спасовски потенцира дека во моментов има намалување на протокот во двете земји, а војната во Украина принуди многу луѓе да ја напуштат земјата. Тоа прашање било покренато и на министерската конференција во Атина, а сите земји учеснички се согласиле дека се подготвени да примаат бегалци од Украина на своја територија.
Извор: Новатв
]]>


