Студентите во блокада во Србија ги повикаа граѓаните на голем протестен митинг во Белград под мотото „Ти и јас, Славија“, како дел од кампањата „Студентите победуваат“.
Собирањето е најавено на четири локации во Белград, а централниот протест на Славија треба да се одржи од 18 до 20 часот. Главното барање на студентите е распишување вонредни парламентарни избори и демократизација на земјата.
Студентското движење произлезе од антивладините протести по трагедијата во Нови Сад, кога при пад на бетонска настрешница на новореновираната железничка станица загинаа 16 лица, претежно млади. По тој настан следуваа повеќемесечни блокади на околу 60 факултети на четирите државни универзитети во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац.
Со протестите студентите бараат одговорност од властите, функционални институции, независно судство и избори што, според нив, треба да отворат простор за демократизација на Србија. И покрај бројните апсења и истраги, судскиот процес за трагедијата во Нови Сад, според критиките во јавноста, не напредува значително.
Ова ќе биде уште еден голем собир на Славија по почетокот на студентските блокади. Претходно таму се одржаа неколку масовни протести, меѓу кои и собирот на 15 март, кој се смета за еден од најголемите во поновата историја на Србија.
Претседателот Александар Вучиќ неодамна изјави дека изборите би можеле да се одржат во периодот од крајот на септември до средината на ноември, повторно повикувајќи ги студентите на дијалог.
Аналитичарите во Србија оценуваат дека денешниот протест може да има поинаков карактер од претходните собири, со појасни пораки и можни насоки за тоа како ќе се движи студентското движење во наредните месеци.
Студентите досега ја исклучија можноста за заедничка листа со опозицијата на евентуални избори. Дел од опозициските партии најавија поддршка или присуство на протестот, но сè уште нема единствен став околу тоа дали и како би ја поддржале можната студентска листа.


