Познато е во теоријата дека медиумите не можат да им кажат на граѓаните што да мислат за некоја тема, ама сепак можат да им „кажат“ на граѓаните за која тема да размислуваат и се интересираат, а која пак тема сосема да ја заборават. Па така, додека сите се занимаваме со бомбите на опозицијата и бомбардираните во редовите на власта, сите како сосема да заборавивме на Субрата Рој.
Сите! Дури и оние во надлежните институции што до сега требаше веќе да го раскинат и официјално договорот со неговата фирма „Сахара груп“ за закуп на земјоделско земјиште во Македонија.
Па затоа, во оваа прилика гласно и јавно сакам да поставам две прашања:
1. ДАЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО, ШУМАРСТВО И ВОДОСТОПАНСТВО (МЗШВ) ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ ЗА ЗАКУП НА ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ВО ОВЧЕ ПОЛЕ СО ЗАКУПЕЦОТ САХАРА т.е. Субрата Рој?
2. И ЗОШТО НЕ?!
Веќе три месеци како МЗШВ обзнани дека е активирана банкарската гаранција од 3 милиони евра на „Сахара“ поради неисполнување на обврските превземени со Договорот за закуп на земјоделско земјиште, односно нереализирање на бизнис планот и планираните инвестиции. Договорот за закуп сѐ уште не е раскинат, а закупецот Сахара и понатаму ги занемарува обврските од Договорот, нема земјоделска активност, плодните површини остануваат необработени, не посеани, а тоа значи уште една година загубен принос.
Во една претходна колумна на оваа тема, бев направил анализа, колку национално богатство (не) се создава од (не)обработка на второто по големина плодно земјиште во државата.
По направена груба математичка анализа и пресметка за 5.000 хектари плодно земјоделско земјиште (колку што има закупено Сахара) помножени со 3.000 килограми жито по хектар, се добива околу 15.000.000 килограми жито. Ако цената на килограм жито е просечно 10 денари, тогаш приходот од продажбата на 15-те милиони килограми жито изнесува околу 150 милиони денари или 2.439.000 Евра.
Доколку државата (МЗШВ) и оваа година не го раскине Договорот за закуп на земјоделското земјиште, а Сахара не изврши пролетна сеидба, тоа ќе е уште еден пропуштен род од 15 милиони килограми жито или околу 2.439.000 Евра неостварен приход.
Ова несериозно однесување на (ѓоа) странскиот инвеститор Сахара, независно што нејзиниот газда е во индискиот притвор, дава јасен сигнал за државата дека мора што поскоро да го раскине договорот за закуп, бидејќи нема изгледи нешто да се промени, да го врати земјоделското земјиште во владение и што поскоро го додели на други заинтересирани, ама и сериозни стопански субјекти, кои совесно и одговорно ќе го користат и обработуваат.
Што подразбирам под сериозни стопански субјекти? Стопанственици кои доаѓаат од сектор земјоделие и директно или индиректно се занимаваат со сточарство (одгледување живина), бидејќи житните култури како основна суровина во сточарството, се нераскинливо врзана со производство на живина, а во такви услови стопанственици се охрабруваат да вложат максимален напор за што подобар принос со најмали трошоци, кои потоа ќе се рефлектираат позитивно на пазарот на домашно месо.
Инаку, она зборчето „ѓоа“ погоре, намерно го ставив оти многу реално е и дека никогаш Субрата и не беше вистинскиот, де факто закупец на земјиштето. Дека некој „овдешен“ го користел Индиецот како параван. Ама параван за што… времето ќе покаже. А додека ја чекаме вистината, како шило, после многу вртење, вртење и вртење, конечно да излезе на површина – ниту некој ќе сее на изнајменото земјиште, ниту, очигледно, некој ќе жнее.
Пишува: Трајче Арсов – адвокат


