Четириесет и петгодишен таксист од Велес утрово загина во сообраќајна несреќа. Несреќата се случила кај бензинската пумпа „Црна река“ во индустрискиот дел на градот, кога таксистот со автомобил марка „Шевролет матиз“ удрил во камион.
На местото на настанот пристигнале и пожарникари кои морале да сечат делови од уништениот автомобил за да го извадат возачот, кој потоа со возило на Брза помош бил пренесен во Болницата во Велес. Во несреќата, која се случила околу 10 часот, возачот на камионот поминал без телесни повреди.
„Во амбулантата на хируршкото одделение во 10.20 часот со возило на итна медицинска помош е донесен пациент роден 1971 година повреден во собраќајна несреќа. Но за жал уште кога го донесоа не покажуваше никакви знаци на живот и само можевме да констатираме смрт. Немаше потреба од реанимациони постапки. Додека кај другиот соучесник во собраќајната несреќа освен стресот не беа констатирани никакви телесни повреди“, изјави портпаролот на болницата, д-р Петре Кодовски.
Портпаролката на СРВ Велес, Анита Стојковска информираше:
„Во моментов, надлежен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Велес во содејство со увидна екипа од Секторот за внатрешни работи Велес врши увид на лице место“.
Извор: Канал 77


