Американскиот претседател, Доналд Трамп, во писмо до неговиот албански колега, Бајрам Бегај, ја нагласува својата посветеност за продолжување на соработката меѓу САД и Албанија, заснована на „пријателство, сојуз и почитување на идеалите врз кои е изградена и функционира американската нација“.
„Заштитувајќи го суверенитетот, просперитетот и мирот, со заеднички сили, можеме да го постигнеме невозможното. Се радувам на продолжување на нашата соработка со цел градење побезбедна, постабилна и поуспешна иднина“, пишува претседателот Трамп во писмото упатено до претседателот Бегај, информираа денеска од неговиот кабинет.
Се додава дека писмото на претседателот Трамп следува по пораката што Бегај ја упатил по повод 249-годишнината од Денот на независноста на САД.
МИА


