Трамп го прослави 80. роденден со УФЦ борби во Белата куќа

Претседателот на САД Доналд Трамп синоќа го прослави својот 80. роденден со поздравување на прелиминарниот договор за прекинување на конфликтот со Иран и со организирање спортско шоу на Јужниот Травник на Белата куќа.

Трамп со недели ја најавуваше претстојната спогодба, а последните дипломатски чекори во конфликтот речиси го засенија настанот организиран од УФЦ (UFC), во кој борците, затворени во метален осмоаголен кафез се обидуваа да извојуваат победа со удари и со технички зафати.

Неколку часа пред почетокот на борбите, претседателот објави дека договорот за прекинување на конфликтот „веќе е готов“. Тој изјави дека САД ќе ја прекинат блокадата на Иран и дека Ормуската Теснина ќе биде отворена, што може да ги ублажи високите цени на нафтата и да го растовари притисокот на светските пазари. Клучните детали допрва треба да се договорат.

И покрај веста за договорот, вниманието на Трамп брзо се насочи кон мешаните боречки вештини (ММА). На настанот присуствуваа високи претставници на администрацијата и републикански лидери, меѓу кои и директорот на ФБИ, Каш Пател и претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон.

Полскиот претседател Карол Навроцки, исто така, беше забележан меѓу гостите во Белата куќа. 

Трамп и претседателот на УФЦ, Дејна Вајт заедно тргнаа од Овалната соба кон балконот на Сината сала за да го погледнат кафезот, по што останаа со исправено држење за време на интонирањето на химната, додека над нив прелетуваа воени авиони. Толпата скандираше „САД! САД!“.

Над 4.000 гледачи беа поканети на привремената арена, опремена со специјално осветлување, озвучување и огромни екрани, додека илјадници други гледаа од блиската полјана.

– Овој настан е единствен по својот вид, неверојатен е. Го обожавам – рече директорот на УФЦ, Дејна Вајт, близок пријател на претседателот, за време на промотивниот настан во петокот кај Меморијалот на Линколн, каде што борците се туркаа и се караа пред камерите под мирниот поглед на мермерната статуа.

Инаку, пред почетокот на борбите, шампионот во средна категорија Шон Стрикленд – отворен критичар на Израел – беше изведен од обезбедувањето од неразјаснети причини. Стрикленд, кој некогаш беше гласен поддржувач на Трамп, неодамна на социјалните мрежи изјави дека не бил поканет да учествува на неделниот настан поради неговите ставови за Израел, нешто што од УФЦ го демантираа. 

МИА

Најчитани вести