Најновите царини кои администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе на увозот на производи опфаќаат и ненаселени или речиси ненаселени територии, вклучително и области во Австралија и Норвешка.
Според списокот објавен од Белата куќа на мрежата Х, САД примениле царина од 10 отсто на стоки од островот Херд и Мекдоналд – австралиски територии лоцирани поблиску до Антарктикот, кои се целосно ненаселени, пишува Би-би-си.
Островите се едно од најоддалечените места на земјата и немаат постојани жители, но се дом на голем број пингвини, фоки и морски птици. До нив може да се стигне само со двонеделно возење со брод од Перт на западниот брег на Австралија. Последен пат луѓето стапнале таму пред речиси 10 години, пишува „Гардијан“.
Царини од 10 отсто беа воведени и за стоките од Свалбард и Јан Мајен, две оддалечени норвешки територии во близина на Северниот пол, кои заедно имаат околу 2.500 жители. Не е јасно какви производи извезуваат тие територии во САД.
Откако се дозна дека во тарифите на Трамп се вклучени и области каде никој не живее, социјалните мрежи се вжештија.
„Пингвините нè краделе со години“, напиша поранешниот директор за комуникации на Трамп, Ентони Скарамучи, кој сега е чест негов критичар.
Извор – Слободен печат


