Во моментов, како што пренесуваат медиумите, во тек е голема потрага по осомничениот напаѓач кој е сè уште во бегство
Извршниот директор на најголемата приватна компанија за здравствено осигрување во САД „Јунајтедхелткер“ (UnitedHealthcare), Брајан Томпсон е застрелан и убиен од засега непознат сторител пред хотел во Њујорк, јавуваат светските медиуми.

Вооружениот напад, според Би-би-си, се случил околу 7 часот, според локално, односно 15 часот по средноевропско време, пред хотелот „Хилтон“ на Менхетен, каде Томпсон присустувал на денот на инвеститорите на компанијата.
Според информациите, 50-годишниот Томпсон бил застрелан во градите и веднаш по нападот е пренесен во болница, каде е констатирана смрт.
Во моментов, како што пренесуваат медиумите, во тек е голема потрага по осомничениот напаѓач кој е сè уште во бегство.
Од полицијата соопштиле дека најверојатно станува збор за убиство со умисла, бидејќи осомничениот го чекал Томпсон пред зградата на хотелот. На главата носел скијачка маска и бил облечен во кафеава јакна.
Пред зградата на хотелот е поставен полициски кордон, додека во меѓувреме трае потрагата по осомничениот.
Поранешниот демократски кандидат за потпретседател на САД и актуелен гувернер на сојузната држава Минесота, Тим Волц, веста за убиството на извршниот директор на „Јунајтедхелткер“, чие седиште е во оваа држава, ја нарече страшна.
„Ова се ужасни вести и страшна загуба за деловната и здравствената заедница во Минесота. (Државата) Минесота ги испраќа нашите молитви до семејствот на Брајан и тимот на ‘Јунајтедхелткер’“,напиша Волц на социјалните мрежи.
Повеќе на 360 степени


