Вардарки денеска го имаат најтешкиот тест оваа сезона во Лигата на шампионите, на кој што треба да покажат дека заслужено се наоѓаат на лидерската позиција во групата “Д”. Екипата на Индира Кастратовиќ го игра последниот дуел од оваа фаза во елитното клубско натпреварување со желба да остане на првото место во групата, што би значело полесни противници во следната фаза. “Црвено-црните” се на врвот на табелата со 9 бодови, исто колку што има Ларвик, но со подобра гол разлика, што би значело дека се освен пораз, ги остава“вардарки” на тоа место и по завршување на овој меч.
Во пресрет на овој дуел и двете екипи остварија лесни победи во домашното првенство. Ларвик го совлада Опсал со 33:23, додека Вардар СЦБТ беше подобар од ЖРК Металург со 31:24. Првиот меѓусебен дуел меѓу овие две екипи, што се играше во СЦ “Борис Tрајковски” заврши без победник, 27:27.
Што се однесува до здравствениот биланс во двете екипи, Ларвик ќе настапи во комплетен состав, додека во екипата на Вардар СЦБТ ќе недостасува Алисон Пино, која што е повредена и нејзиниот настап се очекува на мечевите од следната фаза. Натпреварот Ларвик – Вардар СЦБТ се игра денеска од 19.30 часот во Арената“Ларвик”, а преносот од овој меч ќе може да го погледнете на Алфа ТВ.


