Велосипедист тешко повреден во сообраќајка на патот Струга-Подмолје

Во сообраќајна незгода што се случи вечерва околу 18 часот на регионалниот пат Струга-Подмолје едно лице e тешко повредено. Како што информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, несреќата се случила во близина на селото Мислешево кога автомобил удрил во велосипед.

– Од силниот удар тешко е повреден велосипедистот и веднаш е пренесен во болница. Увид на лице место направи екипа на СВР Охрид и се работи на утврдување на причините поради кои дошло до несреќата, вели Димоски.

Директорот на специјалната болница за ортопедија и труматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, доктор Митко Тилевски потврди дека пациентот бил донесен во бессознание со тешки повреди.

– Пациентот е донесен во бессознание. Тој има повреди на главата со масовно крвавење и отворена фрактура на потколеницата. Врз него се извршени компјутерска томографија и рендген снимање, но поради тоа што е во критична општа состојба, со возило на Брзата помош е пренесен во Скопје, појасни доктор Тилевски.

Ова е втора сообраќајка во Струшко што се случи за нецели 24 часа. Во судир помеѓу две возила кај месноста виката Мороишки Мост, пред Струга, синоќа со лесни повреди поминаа родители и нивните две ќерки, а едно лице претрпе и психички стрес.

]]>

Најнови вести

Најново од Ударни вести, Хроника