Откако конфликтот меѓу Газа и Израел ескалираше пред неколку дена, израелските одбранбени сили распоредија дополнителни копнени трупи на границата кои чекаат само наредба за напад.
Портпаролот на израелската армија Хидал Зилберман објави дека плановите за можна копнена инвазија на појасот Газа ќе бидат претставени на Генералштабот на израелските одбранбени сили за одобрување во текот на денот.
Плановите потоа треба да му бидат презентирани и на израелското политичко раководство за разгледување, пишува „Тајмс оф Израел“.

Досега се истрелани стотици ракети од обете страни, а во неколку израелски градови се водат конфликти меѓу арапски и еврејски групи.
Во судирите меѓу израелската армија и Палестинците има жртви од обете страни и причинета е и голема материјална штета. Од почетокот на најновата офанзива, Министерството за здравство во Газа пријави 53 жртви, од кои 14 деца и над 300 повредени. Досега, шестмина Израелци се убиени во нападите.
Хамас рано утрово лансираше ракети кон Ерусалим, а Израел вети дека ќе продолжи да пука кон исламистичките фракции во Газа.
Во Тел Авив ноќеска пак се огласија и предупредувачки сирени.


