Во црногорското село Брезна уште од 18 август трае натпреварот во лежење на кој досега се натпреварувале 21 кандидати. Најупорните тројца лежачи се уште се борат за наградата од 1000 евра. Основачот на овој натпревар, Миќо Благојевиќ, вели дека годинава натпреварот ги соборил сите рекорди.
„Ова е 11-та година. Митот за мрзливите Црногорци се обидовме да го претставиме како шега. Првата година мислевме дека натпреварот ќе трае пократко, па потоа траеше 36 часа, па 52, а потоа малку се сменија правилата за на секои осум часа да има 10-минутна пауза за тоалет. Рекордот досега беше 117 часа, но годинава се надминаа сите рекорди“, изјави Благојевиќ.
Меѓу оние кои стигнаа до оваа фаза од натпреварувањето годинава е и 23-годишната козметичарка Лидија Марковиќ од Никшиќ.
„Дојдов да уживам, да се одморам. Се обидувам да победам“, вели таа.
Лидија не се натпреварува за пари, туку сака да победи.
Открива дека секој ден ѝ нудат 1000 евра само за да стане, но таа има поинаква цел.
„Не сум тука за пари, туку за да победам. Ова е психолошка игра. Воопшто не е за пари“, вели Лидија.
„Мислев дека ова ќе трае до 6, 7 дена, но веќе сум тука 47 ден, и како вчера да си легнав“, истакнува таа и додава дека се чувствува одлично.
Овој натпревар којшто ја прави Црна Гора единствена земја во Европа, е посебно занимлив поради прифатениот стереотип за Црногорците – дека се наводно мрзлив народ. Правилата се едноставни – на учесниците им е забрането да стануваат, но дозволено е спиење, читање книги, јадење и пиење. На секои осум часа, дозволено е да се оди в тоалет.
Натпреварот го организира црногорското „Етно-село Монтенегро“.


