Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска беше во посета на компанијата „Еврос Комерц“ од Старо Нагоричане, специјализирана за производство на фина картонска амбалажа.
Компанијата е помогната со државна помош од над 56 илјади евра, финансиски средства кои ги искористиле за набавка на висококвалитетна машина за виткање и лепење на кутии за фармацевтската индустрија, како и за нов производствен погон за виткање и лепење на упатства за лекови.
„Кога имаш визија, кога имаш верба во успех, успехот на крајот е неминовен. Визијата на компанијата „Еврос комерц“ која денеска ја посетуваме овде, во мојот роден крај и по 30 години постоење од оваа компанија е жива.
Јас се сеќавам како млад човек кога оваа компанија започна со својата работа, драго ми е што наследниците на компанијата успеаја да изградат една респектабилна компанија во која се произведуваат производи кои практично ги гледаме на најпознатите производи во фармацевстката индустрија и тука и во земјите од регионот“, рече Ковачевски во своето обраќање.
Тој додаде дека мотото „добро спакуван производ е добро продаден производ“, Еврос Комерц денес се истакнува како пример во полето на осмислување и реализација на иновативни решенија за пакување на брендови за нашите најреномирани компании.
„Од мал субјект во 1993 година, оваа компанија денес брои 37 вработени и се специјализираше во производство на фина картонска амбалажа и пакување на производи од фармацевтската, автомобилската, кондиторската, чевларската и другите индустрии.
Вредните раце на овие работници создаваат препознатлива, уникатна амбалажа на полиците во маркетите, аптеките и на разни други продажни места земјата и регионот. А, со нив и нивната работа, се гордееме и ние бидејќи преку конкретни мерки ја помогнавме изградбата на нивниот бренд и нивниот имиџ кој денес симболизира професионализам.
Оваа компанија досега има користено државна помош од над 56 илјади евра, финансиски средства кои ги искористиле за набавка на висококвалитетна машина за виткање и лепење на кутии за фармацевтската индустрија, како и за нов производствен погон за виткање и лепење на упатства за лекови.
Овде има машини кои на просторите на бивша Југославија ги има само во Словенија и во оваа печатница тука во С.Нагоричане“, раскажа Ковачевски.
Ковачевски истакна дека „Еврос Комерц“ е само една од стотиците компании кои во изминатиот период ги помогнавме преку конкретни мерки за одржливост и што подобро справување со финансиската и енергетска криза, меѓутоа и за поттикнување на нивниот инвестициски развој.
Погледнете го неговото обраќање:


