Серијата од три поврзани порази на Наполи во Серија А и Лигата на Шампионите, беше прекината во Рим против Лацио, кој оваа сезона е непрепознатлив.
Наполитанците со победата од 4:2, го обезбедија третото место, со можност за сериозен притисок врз второто место на Рома, која сега има три бода повеќе.
На „Олимпико“ Гонзало Игуаин ги начна домаќините во 24-та минута, а само неколку минути подоцна Лацио изедначи преку автоголот на Валон Бехрами.
Сето ова се случи пред да се разигра Горан Пандев, кој и дефинитивно влезе „во војна“ со навивачите на „небесно сините“, за кои играше од 2004-та до 2009-та година.
Македонецот на свирежите од „Ultras“ одговори прво со гол во 50-та минута, а потоа со една убава асистенција му помогна на Игуаин во 72-та минута да го постигне својот втор гол, по што стана јасно дека трите бода одат во Неапол.
Лацио намали со голот на Кеита во 88-та минута, но Наполи веднаш возврати и со погодокот на Каљехон го постави конечниот резултат.
Фиорентина во дожд од голови ја совлада Верона со 4-3 и повторно фати приклучок со врвот на табелата. „Виолетовите“ по овој триумф имаат ист број на бодови како и четвртиот Интер (27).


