Премиерот Заев, притоа додаде дека членството во ЕУ и НАТО ќе значи дуплирање или триплирање на домашните и странски директни инвестиции и забрзан раст на македонската економија. „Исправени сме пред историска шанса да овозможиме нашата држава да стане дел од евро-атлантското семејство на успешни и напредни земји“, заклучи премиерот Заев. Вицепремиерот Анѓушев, обраќајќи им се на присутните, истакна дека денеска се промовира една од сетот на мерки што Владата ги креираше годинава за силна поддршка на стопанството и ги таргетира најмалите и најзначајните чинители на економијата. „Јас им предлагам, препорачувам и сугерирам на сите млади луѓе во земјава да ја искористат оваа шанса и во рамките на акцелераторите да аплицираат да формираат своја фирма, бидејќи многу е важно дека не само финансиски што ќе бидат поддржани, не само што ќе бидат поддржани со простор и опрема каде што ќе можат да формираат својата фирма, туку ќе бидат поддржани и со знаење, „knowhow“ од областа на менаџментот како своите фирми да ги водат, да ги управуваат и со самото тоа да станат успешни. Акцелераторите се место каде што треба младите луѓе да формираат свои фирми и да ги реализираат своите соништа. „Mobil Eye“, е формирана во акцелератор во Израел и таа е продадена во двоцифрен број на милијарди евра на слободниот пазар“, рече Анѓушев. Директорот на Светската Банка за Македонија и за Косово, Марко Мантованели изрази особено задоволство за можноста која меѓународната организација ја има со учеството во поддршката на Агендата за развој на претприемачките способности на фирмите заедно со Владата на Република Македонија. „Со формирањето, финансиската поддршка на бизнис акцелератори за млади во нашата држава, Македонија станува дел од успешните светски приказни и модели и истовремено ги ставаме достапни на македонските граѓани, односно старт ап компании, истакна директорот на ФИТР, Деспотовски. Тој се задржа на статистиките во глобални рамки за оваа област. „Минатата година повеќе од 200 милиони американски долари се вложени во стартап компании, преку повеќе од 550 акцелераторски програми, што занчи повеќе од 11.000 стартап компании добиле менторска поддршка, но и финансиска поддршка за да се развиваат забрзано понатаму“, информираше Деспотовски посебно акцентирајќи дека се планира Програмата во Македонија да се развие успешно. Деспотовски, како претставник на Фондот за иновации и технолошки развој потпиша договори за финансиска поддршка со трите конзорциуми избрани од Комитетот за одобрување на инвестициите, по спроведени интервјуа со единаесет пријавени апликанти и тоа: Деловно-технолошки акцелератор „УКИМ“ ДОО Скопје, „СЕАВУС“- едукативен и развоен центар и Друштвото за деловна, техничка поддршка и едукација „ИКС Фактор“.]]>


