Во базата, министерката Шекеринска беше брифирана за капацитетите на единиците и на Здружениот оперативен центар, при што беше потврдена меѓусебната заложба за продолжување на плодната долгогодишна одбранбена соработка помеѓу Северна Македонија и Вермонт.

Во контекст на неодамнешните случувања со пожарите во нашата земја, од исклучително значење беше посетата на македонската делегација на Оперативниот центар за итни случаи на Вермонт, каде беа разменети информации во однос на начинот на справување со природни катастрофи и можностите за проширувањето на соработката и во овој домен.

„Едно од клучните прашања е како да развиваме армиски капацитети кои на едноставен и ефикасен начин целосно ќе можат да се вклучат во напорите на цивилните институции во справувањето со природните непогоди. Климатските промени чии ефекти ги чувствуваме и денеска бараат организирање на систем кој е подготвен за брза координација и брз ангажман на терен. Навистина сме ви благодарни за споделувањето на вашите искуства во справувањето со шумските пожари“, рече министерката при посетата на Оперативниот центар.
Денеска Шекеринска ќе има средба со заменик гувернерката на Вермонт, Моли Греј, а ќе го посети и полигонот за планирање и операции.


