„МЕР веќе има платено на град Скопје 42,9 милиони денари за рекултивација и пошумување на Водно“, рече тој и додаде дека со направените измени во документацијата, се намалува штетното влијание на парк-шумата Водно за повеќе од 70%. „Според пресметките на ЈП Паркови и зеленило, ќе бидат опфатени 1400 кубни метри дрво, што е далеку помалку од дневната потрошувачка на огревно дрво во Скопје“, појасни директорот Реџепи. За барањето на невладините организации, трасата да се премести на потегот кон Скопска Црна Гора, тој информираше дека таквото решение е неизводливо од еколошки и економски аспект, затоа што тоа ќе значи одложување на изградбата, а со тоа и пролонгирање на големото загадување за уште 5 години. Дополнително, ќе треба да се соочиме со финансиски реперкусии на штета на буџетот на граѓаните, од банките од каде се обезбедени средства за реализација на гасификацијата. Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, на прес-конференцијата рече дека изградбата на гасоводната мрежа е за доброто на сите, и дека од тоа зависи и гасификацијата на сите градови во Македонија, но сепак Скопје не смее да биде жртва на тој процес. Тој истакна дека во процесот на разговори за изведба на проектот, се одлучи дека Владата на Република Македонија ќе обезбеди средства за урбано зеленило во градот Скопје, како и за пошумување на Водно во висина од 43 милиони денари, средства од МЕР, како законска компензација на уништеното зеленило. Дополнително се планира пошумување на соголените падини на Скопска Црна Гора, со што директно ќе влијаеме и на спречување на поплавите и на подобрување на животната средина во Скопската котлина. Тој исто така нагласи дека Владата обезбедила поддршка и за зелените коридори долж реките Лепенец и Серава, носење на закони за заштита на парк-шумата Водно и кањонот Матка во соработка со Министерството за животна средина, како и приклучување на пет големи згради на јавни институции на гасоводната мрежа во Скопје. Тој истакна дека ова е првпат да биде обезбедена целосна ревитализација на зеленилото на Водно, кое, како што рече тој, никогаш до сега не било ниту заштитувано – ниту ревитализирано. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, воедно, на прес-конференцијата им се заблагодари на сите загрижени граѓани и активистите за заштита на Водно за нивната соработка со градот Скопје и со Владата на Република Македонија, со што се постигна оптимално решение за изградба на магистралниот гасовод Делница 5 Скопје -Тетово – Гостивар. ]]>


