Кој сноси одговорност и дали штетите од поплавата во подножјето на Скопска Црна Гора, експерти кои гостуваа во последното издание на Ноќен Експрес – Канал 77, се децидни: Да, можеше, ако институциите постапуваа според препораките. Тие по направената анализа даваат дополнително светло што всушност се случи критичната ноќ.
Според проф. Александар Трендафилов, главната причина за катастрофата е обешуменоста на Скопска Црна Гора и Арачиновскиот рид. Огромната количина на вода која паднала се слеала по падините и направила мало езеро пред вештачката брана – скопската обиколница.
Тој е убеден дека штетите би биле далеку помали доколку надлежните би се грижеле и би го одржувале системот од канали за одведување. На можните последици од сечата на шумата и затрупувањето на каналите предупредувале и претходно. Како експерт за порои и ерозија и долгодишно искуство сепак неговото и знаењето на колегите не им е корисно на институциите.
– Иако сум веќе 35 години во оваа специјалност, уредување на поројни водотеци и заштитата на земјиштето од ерозија, наназад со години не сум работел на проект или студија за одреден пороен водотек во Македонија. Наместо да се формираат засебни институции кои постоеа во минатиот систем, сега надлежностите се поделени меѓу министерството за животна средина и министерството за земјоделство. Државата ниту води сметка ниту пак прави истражувања за можните последици од поплави и ерозија, вели проф. Трендафилов.
Тој предупредува дека во опасност се погусто населените области во Скопје и потенцираше, доколку оваа количина вода паднела на падините на Водно, штетите би биле далеку поголеми и со повеќе жртви. Ова го поткрепува со фактот што шумата на Водно се сече без контрола, а влијае и изградабата на станбени објекти над црвената линија во скопската парк шума.
– Закана доаѓа и од Вардар, пред сé од бродовите кои се во коритото, па дури и мостовите, кои ќе спречат проток на количини на вода кои се предвидени да бидат прифатени. Овие појави ќе бидат се почести и понагласени..Сега врнежите ширум светот траат се подолго и пообилно и треба да бидеме подготвени беспрекорно….
Неговиот колега од Институтот за географија проф. Ивица Милевски, смета дека причина за поплавата покрај човечкиот фактор има и непридливата природа и климатските промени.
– На прв поглед сосема неочекувано, меѓутоа за ваквата појава постојат повеќе причини. Прво, станува збор за навистина голем интензитет во период од неколку часа. Сепак, во последно време, во Македонија, па и на Балканот се појавуваат врнежи со вредности од над 100, 150 па дури и над 200 мм на ден.
Споредбено имало многу поголеми вредности, поголеми количини на дожд во кус временски период и во Неготино, Гевгелија, на Шар Планина но за првпат со човечки жртви и толку големи материјални штети. Вината на човечкиот фактор е голема, можеби и клучна, бидејќи проблеми со поплави во овој североисточен дел на Скопје, па и на повеќе точки во самиот град и низ државата, се случуваат речиси секоја година. Со многу помали количини од само 20 мм овие населби страдаат, што укажува дека нема посериозен пристап кон превенција од поплави, пошумувања, уредувања на пороите, ретенции, дренажи, така и во информирање на населението, односно ефикасен систем за јавување/известување од непогоди,.Во Хрватска има многу поголеми врнежи, во Риека над 240 мм, но во осумдесетите и деведесетите е изградена одлична дренажна мрежа, одлична канализација и систем на превенција и поплавите што претходно се случувале повеќе не постојат, рече Проф. Милевски.
Во интервјуто за Ноќен Експрес-Канал77, Оливер Ромевски, директор на Управа за хидорометеоролошки работи на РМ дава одговори за времето и невремето, за климатските промени и пороите, за поплавите, кои како закана треба сериозно да ги сфатиме… За медиумите кои ги добивале нивните информации, а ги толкуваат и објавуваат како што сакаат.. Тој беше прозван во јавноста дека невремето е „господова работа“, а беше споменувана и неговата „стручност“ за да раководи со оваа институција
НЕ. На почеток да расчистиме со Господ. Споменувањето остава впечаток на нестручност. Ако е така, зошто ни е УХРМ ако работа може да заврши МПЦ или ИВЗ?
ОР. Природата, општо познато е дека е непредвилива. За тоа се доказ, поплавите, земјотресите и слични непогоди. УХРМ во рамки на надлежностите ги следи геофизичките појави со помош на апаратура и технички средства ги обработува во определни рамки. Но, заради непридвиливоста на природата, настануваат ситуации кои тешко можат да се предвидат. Една таква му се случи на Скопје, поточно му се случи крајната граница. Тоа е таа мерка според која се определуваат кодови, американските мерки и сл. Значи предвидувањето за Скопје беше дека ќе има невреме со поројни дождови, силен ветер, карактеристично за овој дел од годината. Но, за 15 тина минути, тоа се претвори во нешто што тлеело во позадина или стручно кажано, конвективен систем и направи природен феномен. Облакот наместо да продложи да се движи, тој застана. Од него произлезе дека наместо предвидените 30 до 50 литри, за цела ноќ, се излеаа на мала површина далеку поголеми количини. Тоа е феномен и како човек тука си немоќен. Во таа конотација беше споменат Господ.
НЕ. Доколку ова се случеше во некој поурбан дел, дали штетите ќе беа помали или ќе имаше поголема катастрофа? Како може да се предвиди опасноста?
ОР. Ингеренциите на УХМР се до прогнозата. А таа е проекција на нешто што би можело да се случи. Тоа во буквална смисла е лотарија, особено во овој дел од годината кога облаците се високо на над 10 километри и должина од над сто километри. Нашите ингеренции не се во насока да кажеме што е во урбанизмот и како тоа да се прави. Јас одговорно тврдам дека системот во УХРМ ги алармираше сите институции за можно невреме 4 дена претходно. И на самиот ден, ЦУК, Дирекцијата за заштиата и спасување, АМСМ, Водовод, медиуми и редица други ги добија дополнителните најави за навреме. Но, ние луѓето и медиумите не ги сфаќаме работите сериозно. Ако кажеме пороен дожд и засилен ветер, тогаш тоа е силно невреме. Сепак ако се гледа пошироко, овие природни феномени зачестија секаде низ светот и јавно предупредувам дека тоа ќе се случува почесто. И за тоа најверојатно ќе треба да се направи посовремен систем и поголема соработка. Неопходно е рано предупредување и секој граѓанин во домот треба да добие аларм. Во ваков случај добро би дошле и апликации за смарт телефони кои ќе може да алармираат за вакви непогоди.
НЕ. Вашата стручност како прв човек на Управата деновиве беше споменува во негативна конотација. Вие сте магистер по дипломатски односи, сте работеле и како режисер, водител и готвач?
ОР. Јас не се срамам од тоа што пет години сум работел во сопствената продукција и што сум обезбедувал егзистенција за уште десет фамилии. Тоа е доказ дека не сум бил ничиј партиски полтрон. и да бидам некаков советник. Јас чесно сум заработувал од сопствениот труд. Во поглед на науката и стручноста јас ги исполнувам условите. Магистар сум по меѓународни односи и дипломатија и имам 25 годишно искуство во приватен бизнис како менаџер. Поставен сум според Закон за хидро-метеорлошка дејност од 2009 година, потпишан од тогашниот претседател Бранко Црвенковски може да биде дипломиран политиколог, бидејќи освен што е директор, тој е и постојан претставник во Светската метеорлошка организација. За пет години сум остварил контакти со најважните луѓе во оваа област и како менаџер успеав да ги унапредам работите и да обезбедам услови за функционирње на оваа установа и многу работи се сменети на подобро.


