Задниот дел на автомобил “ауди 6“ со кочански регистерски таблички е целосно оштетен како последица на пожар, јавува локалната телевизија Канал8 -Кочани.
Настанот се случил во вторникот после полноќ, а возилото стоело паркирано пред еден од угостителските објекти кај Градскиот стадион во Кочани. Според неофицијални сознанија, сопственикот на автомобилот, жител на Тркање, заедно со свои пријатели бил во ресторанот и во еден момент бил известен дека е забележан пожар на паркингот.
Веднаш била повикана противпожарната единица, која интервенирала и успеала да го изгасне пламенот. Сепак, со оглед што огнот зафатил поголем дел од пластичните и други лесно запаливи делови на “аудито“, не можело многу да се стори за да се избегне сериозна штета.
Сопственикот на возилото смета дека пожарот е подметнат од страна на негов соселанец со иницијали Т.С. со кого претходно имале расправија. Потврда дека постоела намера за предизвикување штета е што тој забележал дека претходно врз возилото била истурена запалива течност. Истото лице за кое постои сомнение дека го подметнало пожарот, се заканувало дека ќе подметне пожар и во неколку куќи во Тркање, поради што сопствениците реагираат за својата безбедност.


