Во кумановскиот суд се одложи судењето на лидерот на СДСМ Зоран Заев по приватна тужба на Виктор Цветковски, генералниот секретар на ГРОМ, заради објавување на прислушуваните разговори во бомбите. На денешното рочиште требаше да бидат дадени завршни зборови, но поради отсуство на адвокатот на обвинетите Мирослав Вујиќ кој присуствувал на јавна седница на апелациониот суд во Битола, во судница не се појавија ни обвинетите, па судењето е презакажано за во петок, објави Кумановоњус.
Цветковски ги тужи Зоран Заев, СДСМ како правно лице и претседателот на кумановскиот огранок на СДСМ, Мартин Костовски, заради неовластено снимање и објавување на разговори меѓу него и поранешната министерка Гордана Јанкуловска каде се договараат за обезбедување гласови на ВМРО-ДПМНЕ меѓу двата круга на локалните избори во 2013 година во Куманово. Пред судот Заев и Костовски се изјаснија дека не се виновни за делото за кое се обвинети.
Фото: Кумановоњус


