Зависта е сосем природна, но непријатна емоција насочена кон личности кои што поседуваат одредени материјални достигнувања, висока репутација и/или духовна хармонија кои што ние ги немаме, а по кои ние копнееме. Зависта е пропратена со низа негативни чувства дека ние сме неправедно деградирани и маргинализирани, па дури и оштетени поради тоа што токму ние не го поседуваме она што го поседува личноста на која што и завидуваме.
Како што би рекол исклучителниот Карлос Руиз Зафон: “Зависта е религија на медиокритетите. Таа им ја враќа силата, таа е одговор на немирите што ги јадат и, на крајот на краиштата, им ја растура душата и им дозволува да ги оправдаат својата беда и својата алчност се додека не поверуваат дека тоа се доблести и дека вратата на рајот ќе се отвори само за несреќниците како нив, што поминуваат низ животот не оставајќи никаква друга трага освен намерата да ги омаловажат другите и да ги исклучат и, ако е можно, да ги уништат оние што, со самиот факт дека постојат и дека се такви какви што се, укажуваат на нивната беда на духот, умот и силата”.
Кога зависта ќе се инсталира во нас, секогаш стоиме исправени пред две алтернативи. Првата е да се насочиме кон себе. Втората е да се насочиме кон личноста на која што и завидуваме. Првиот избор не води кон себеспознавање и сопствен развој, а втората алтернатива не носи во магичниот круг на деструктивности, горчливи вкусови, животни проблеми и болести. Насочувајќи се кон оној кој ни ја побудил зависта, а не кон себеси зависта станува еден од најголемите емоционални отрови. Отров кој што жестоко ја гризе и уништува самата личност, нејзината суштина, соништа, цели и развој. Кога зависта ќе се појави, би било сосем доволно да сфатиме дека тоа е емоција која ни укажува на она што ни недостасува во животот и кои наши потреби не ни се задоволени. Нема потреба од негирање и од потиснување на зависта. Таа треба да се искористи за себеспознавање и за лична и емоционална прогресија.
Потиснувањето на зависта (иако таа силно вибрира во нас), како и насочувањето кон оној кој зависта ја побудил во нас лансира на пиедестал низа гневни и негативни постапки насочени кон уништување на она што го поседува другата личност. Всушност, најзастрашувачки е тоа што негирањето на зависта и насочувањето кон другите ја вади на површина ограниченостa за сопствен личен и емоционален прогрес, како и неможноста за примање на пружената љубов од страна на другите, бидејќи веќе хронично и длабоко во себе се чувствуваме непријатно, неспособно и негативно. Стануваме целосно неподготвени да возвратиме на радоста и успесите на другите. Да дадеме љубов. Стануваме премногу ранливи и лабилни, а другите почнуваат тоа да го забележуваат и да не избегнуваат. Тогаш одат по ѓаволите сите наши можни интелектуални височини и потенцијали за успех и напредок, бидејќи нашата емоционална неинтелигенција ги исфрла на површина и дополнително ги потхранува нашите ограничености и негативности.
Во нашето општество, кое се карактеризира со огромна поделеност по многу основи, индивидуалната слобода и печат етапно ерозираа и се деградираа до степен на непрепознатливост. Исчезнувањето на средната класа во фузија со медиокритетството само ги нагласи статусните разлики помеѓу граѓаните, а технолошкиот развој и глобализацијата дополнително ја зголемија понудата, дисперзираноста и достапноста на многу производи за широка потрошувачка. И нашата фрустрираност. И параноја. Започна масовен процес на колективна завист и хистерија по она што другите го поседуваат (а ние не), а не по она што ние самите всушност го посакуваме и од кое што имаме реална потреба. Разорувањето на нашиот вредносен модел и општествен систем дозволи без пардон да се венчавме со формата, а да се разделиме од суштината!
Доколку нашиот другар има нов ајфон – а ние не, стануваме параноични и се обвиваме во депресија небаре ни ја отсекле раката. Доколку нашата најдобра пријателка отишла на летување во Полихроно, а ние не сме во можност тоа да си го дозволиме забораваме со денови да се истушираме дури и под сопствениот туш. Доколку сакаме да работиме во одредена компанија или во јавната администрација; да бидеме министри, менаџери или директори; ние тоа го посакуваме – не поради тоа што ние можеме поквалитетно да ја сработиме нивната работа и поради тоа што ги поседуваме потребните квалификации, вештини и искуства, туку само поради тоа што во моментов тие места ги имаат завземено наши познаници на кои им завидуваме. Во секој успех и напредок на нашите пријатели ја бараме црната заднина, опортунистичките побуди и проститутските маневри.
Ние сме кловнови! Ние сме будалетинки! Купуваме цел арсенал од селфи стапови и паметни телефони само за да собереме повеќе лајкови од нашите другари на навидум штосната фотографија која всушност само ги открива нашите маски и лошата шминка. Се смееме пластично. Глумиме сила и висока самодоверба. А, покршливи сме и од гнил орев. Многу често арчиме време, другаруваме и наздравуваме само поради вбризгувањето на завист кај другите, Колку е тоа само крајно лицемерно и подло, нели?! Му завидуваме дури и на нашиот другар кој е келнер, бидејќи ние треба да позајмиме сто денари од родителите за тој нас љубезно да не послужи. Не можеме да го поднесеме задоволството на другите и да учествуваме нивните успеси. Се бориме за поголеми плати и материјални придобивки само за да имаме повеќе од нашите пријатели и роднини. Колку е тоа само тажно, нели?!
Не допирајќи ги своите сопствени длабочини и височини, негирајќи ја програмирано зависта и насочувајќи ја сопствената енергија за мерење со материјалните поседувања на другите дозволивме латинската поговорка “Homo homini lupus est” (човек на човека му е волк) да стане неизоставен дел од нашата потсвест и живот. Водејќи се од синтагмата “око за око” несвесно ослепевме сите. Не се гледаме повеќе себеси. Не ги гледаме ниту другите. Ги гледаме само нивните материјални поседувања, кои за да биде иронијата поголема се минливи како летен дожд.
А колку би било поубаво доколку човек на човека би му бил другар, учител, поддршка… Колку?!
Пишува: Перо Костадинов


