Заврши владината мерка, трговците ги формираат цените, но под лупа на инспекторите

Владата нема да дозволи никакви трикови за зголемување на цените во маркетите. Откако престана да важи мерката за замрзнување на маржите на повеќе од 1.000 производи, Премиерот денеска најави засилени контроли и кај трговците, но и кај дистрибутерите и производителите.

„Такви трикови нема да дозволиме да се случат, некој може да се обидува да се служи со такви трикови, но тоа нема да се случи. Лично разговарав со министерот и со директоорт на Државниот пазарен инспекторат за засилена контрола не само кај трговците, туку и кај дристрибутерите и производителите, да видиме да не има некои трикови кај влезните фактури, не само во однос на цените на рафтовите.“ – Христијан Мицкоски претседател на Влада.

Опозицијата пак критикува. Додека власта си мери економија во проценти народот мери со празни паричници и недостижна потрошувачка кошница – реагираат денеска од Левица. 

„Додека од една страна Мицкоски и неговите министри секојдневно зборуваат за позитивни трендови и раст на економијата, од друга страна зголемената сиромаштија, ниските плати и растечките цени не претставуваат позитивен тренд за работникот, пензионерот, студентот.“ – Левица.

Мерката за ограничување на маржите важеше од 20 февруари до 30 април и опфати 102 групи производи, со ограничување од 5 до 15% зависно од категоријата. Осум основни намирници добија и највисока дозволена цена. Владата ја оцени мерката како успешна, со дефлација од 1,3% кај храната во март. Но анализата за април ќе биде клучна дали ќе се воведе ново ограничување или ќе се остави пазарот сам да ги регулира цените.

извор: 24.mk

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести