Поради племенските обичаи во Авганистан, посебно во руралните подрачја, политичкиот ангажман на жените е опасен по живот. Истовремено со претседателските идниот месец ќе се одржат и локални избори во Авганистан. Племенските обичаи во таа земја, посебно во руралните региони, ги спречуваат авганистанските жени да вршат јавни функции. Катера Ишак Заи го ризикува сопствениот живот за да се кандидира на локалните избори во Авганистан. Вели дека сака да се избори за поголеми права на жените. Тоа е опасна работа во оваа земја и затоа секогаш има телохранители што ја чуваат. – Некои жени не ги знаат ни своите основни права. Голем број на жени умираат при породување. Многу се изложени на семејно насилство. На некои жени во Авганистан им го сечат носот и ушите – вели Катера. На состаноците жените кандидатки се обидуваат да ги убедат гласачите да излезат на избори и да гласаат за нив. Поради страв, но и поради племенскиот менталитет, авганистанските жени не успеваат да влезат во Парламентот или општинските совети, освен по пат на полова квота.
Кабул е на прво место – Покрај многуте стари обичаи кои ги наследивме, постои погрешна интерпретација на верата според која жената нема свои права. Општествените околности во Авганистан исто така ги спречуваат жените поактивно да учествуваат на изборите – објаснува Абдул Гафур Ливал, директор на Институтот за регионални студии. Главниот град Кабул е прв кога се работи за учество на жените во политичкиот живот. Меѓутоа, во однос на тоа колку некој регион е оддалечен од поголемите урбани центри, така се намалува и процентот на жените кои учествуваат во политичкиот живот. Според државните статистики, само на една четвртина од женската популација во Авганистан им е овозможено да се школуваат. Во руралните региони тој процент е значително помал.
]]>


