Во врска со објавената вест „(ВИДЕО) Иванов би космодиск ама не и дисконтинуитет“, Кабинетот на претседателот на Република Македонија испрати реакција до порталот Либертас во која се вели:
– Пријатно сме изненадени од посветеноста на порталот, што толку студиозно и аналитички ја согледаа изјавата на претседателот Иванов во емисијата на Миленко Неделковски. Во оваа прилика ви укажуваме дека Претседателот Иванов искажа подготвеност да одржи предавање на Вашата редакција за елементарно познавање на политичкиот систем на Народна Република Кина. Доколку постои заинтересираност, претседателот Иванов е подготвен и за продлабочено запознавање со кинеската традиција, филозофија и култура, како и за специфичностите на Кина. Во спротивно ќе сметаме дека Вашиот портал цврсто се придржува кон мудроста „Блажени се оние кои малку знаат…“ – се вели во реакцијата од Кабинетот на претседателот Иванов до порталот Либертас.
Претседателот Ѓорге Иванов, во своето интервју за Миленко Неделковски кој го придружуваше на посетата во Кина, не криејќи ги силните емоции од начинот на кој функционира оваа комунистичка држава, се обиде да направи паралела која ако не е лапсус, веројатно е тајна желба на актуелниот шеф на македонската држава.
Имено, Иванов, воодушевено говорејќи за Кина и за огромните успеси што ги постигнува оваа држава, пред се на економски план, рече дека тоа се должи на хармонијата што тие ја постигнале меѓу минатото, сегашноста и иднината.
Обидувајќи се да ги споредува начините на кој се управува во земјите од светот, вели дека за разлика од сите други држави, во кои по секои избори има дисконтинуитет, во Кина кој и да дошол на власт го спроведува она што Тао вели, вистинскиот пат.
Веројатно тој, претседателот Иванов, кој воедно е и универзитетски професор, чул дека во Кина одамна не се спроведуваат избори или му се допаѓа моделот па сугерира спроведување на ист таков и за Македонија.


