„Младите мозоци“ масовно ја напуштаат Македонија

Поради тоа што над 50 отсто од младите луѓе во земјава се невработени, тие се повеќе одлучуваат да мигрираат во развиените странски земји. Македонија веќе остана без четвртина од своето население, додека оваа тенденција може да се зголеми имајќи ги во предвид искажаните желби на младите студенти дека сакаат да ја напуштат државава по завршувањето на студиите. Владата го призна овој проблем со изготвувањето на нацрт стратегија за спречување на одливот на младите, но дали ќе успее да ја спречи оваа масовна појава?

Трендот на миграција на населението од Македонија во странство, предизвикан главно од економски причини, добива загрижувачки размери, а уште поалармантно е дека, според информации од релевантни институции и организации, голем број од граѓаните што мигрираат од државава се високообразовани млади луѓе. Тоа значи дека земјава останува без активното население и „умните глави“, кои немајќи можност да се изразат на професионален план во родното место, заминуваат во потрага по подобра иднина во Европа, САД и арапските држави. Оттаму, реалноста дека земјава е една од водечките по бројот на млади кои спаѓаат во категорија „невработени“ или „иселени“, на некој начин ја принуди и владата да изготви национална стратегија за враќање на заминатите образовани кадри, но и да ги спречи во изразената намера повеќе од половина моментални студенти да заминат на печалба по комплетирањето на образованието. Доколку тоа не даде конкретни резултати во насока на создавање на услови и амбиент за вработување на стручните и компетентните кадри во земјава, познавачите предупредуваат дека ќе биде доведена во прашање смислата за постоењето на Македонија, бидејќи државата ќе остане без значителен дел од своето активно население.

Што говорат бројките?

Во тој контекст, Светска банка неодамна објави извештај, чии податоци за вкупниот број на иселени лица силно одекнаа во земјава. Според извештајот, 447.000 македонски граѓани мигрирале во странство заклучно со 2010 година, што претставува над 20 отсто од населението, а доколку се има во обзир дека многу граѓани во странство работат на црно, се претпоставува дека безмалку една четвртина од вкупното население е надвор од земјава. Инаку, тоа ја рангира државава на 23-тото место во групата земји во светот со најмногу емигранти, во друштво со Газа, Гранада, Самоа…

Имено, според Националниот младински совет, процентот на млади кои во 2012 година емигрирале од земјава, постојано или привремено, е 16 отсто. Тоа отскокнува од светскиот процент од 10 отсто. Обединетите нации објавија податок дека во светот има над 200 милиони мигранти, а дури 60 отсто од младите живеат во земјите на развој.

Клучниот одговор зошто младите во голем број ја напуштаат Македонија, повеќе отколку што тоа го прават во другите држави, индиректно и посредно го даваат податоците на домашните институции и меѓународните организации. Во најновиот извештај на европската статистичка служба „Евростат“, објавен на почетокот на годинава, стои дека 304.000 млади се невработени, или скоро 54 отсто. Тоа ја става земјава на второто место веднаш зад Грција, која периодов се соочува со длабока финансиска криза.

Образовната структура на млади невработените луѓе, пак, ја даваат последните податоци од Државниот завод за статистика, кои покажуваат оти бројката на невработени висообразовани млади во земјава изнесува дури 45.768, додека во последното тримесечје од минатата година, споредено со истиот период во 2011-тата, се регистрирани нови 3.890 лица кои имаат универзитетска диплома, без работа. Сепак, најголем е бројот на млади невработени со средно образование, односно 123.000, по што следат оние со основно образование со речиси 77.000. Според податоците од Агенцијата за вработување, пак, минатата година биле регистрирани дури 764 невработени магистри и 17 невработени доктори на науки.

За разлика од Македонија, која е една од водечките држави според невработеноста на младите со над 50 отсто, стапката на невработеност на младите во Норвешка е 9,3 отсто, во Австрија 11,9, во САД 18,2 отсто… Што се однесува до регионот, во Словенија е 16,8 отсто, во Хр­ват­ска 36,8, во Црна Гора 40, во Романија 23,8, Бугарија 27,6, во Албанија 28,3 отсто…

Дека постои тренд на иселување на Македонците, пред се на младите во последните десет години, на почетокот на годинава потврди и самата владата преку Министерството за образование и наука, откако изготви нацрт-национална стратегија. Целта на овој документ е да ги врати високообразованите Македонци од странство во земјава. Меѓутоа, и ги спречи одливот на мозоци во иднина, бидејќи дури три четвртини, поточно 85 отсто, од студентите во завршна студиска година се изјасниле дека сакаат да ја напуштат земјата.

Во тој контекст, меѓународниот проект „Хелтгрупер“ неодамна објави анкета на студентите од прва година на Медицинскиот факултет, при што резултатот бил дека половина од студентите по завршувањето на студиите би заминале да работат и живеат во странство. Поточно, на прашањето „Дали би сакале да останат во Македонија по завршување на студиите“, речиси половина, поточно 47,7 отсто од сите студенти изјавиле  дека сакаат да се отселат. На второто прашање, пак, формулирано како „Доколку може да одберете, каде би сакале да работите по завршување на студиите“, загрижувачки 60.6 отсто изјавиле дека сакаат да се отселат.

Преквалификуваноста пречка за вработување

Во поткрепа на податоците дека се повеќе млади ја напуштиле или допрва планираат да ја напуштат земјава, бидејќи дипломата не им помага да најдат соодветна работа, па мораат да си отворат перспектива во странство, одат и сведоштвата на млади високобразавани луѓе. Еден таков пример е 27-годишна невработена девојка со иницијали В.К, која сакаше да остане анонимна, бидејќи не сака да ги изгуби и онака малите шанси за вработување во Македонија. Таа има дипломирано меѓународни односи во Софија, а сега е магистер по меѓународна и европска политика и дипломатија. Сепак, тоа не е доволно да добие работа веќе 5 години, а иронијата да биде поголема, во некои институции и организација ја одбиле со апсурдно објаснување дека е преквалификувана.

„Прво барав работа соодветна на моето образование, но веќе извесен период сум подготвена да прифатам било каква достојна работа. За жал, ниту тоа не ми успева! Досега имам работев само на волонтерска база во еден државен орган, но не добив решение бидејќи немам партиска поддршка. Да биде ситуацијата уште почудна, обучував луѓе кои подоцна ги вработуваа, но не и мене. Во меѓувреме, единствено во два наврати на сезонска работа заминав во САД, но се вратив во надеж дека мојата иднина ќе ја изградам овде. Но засега ништо…“ револтирано раскажува таа.

Атанас Ангелов е еден од младите високообразовани Македонци кои моментално работат и живеат во странство. Откако ги завршил студиите по социологија на УКИМ, тој заминал да работи во САД, а денес работи во авионската компанија „Silver Airways“. Како што вели самиот, решил да остане „преку океанот“ поради добрата плата и можноста за напредување, што никогаш не би ги добил во Македонија.

„Прв пат на привремена работа во САД заминав во 2008 година, па се вратив да ги довршам моите студии, меѓутоа уште тогаш одлучив да се преселам да живеам и работам во Америка. Го завршив факултетот и веднаш заминав во САД, бидејќи знаев што ме чека доколку останам во Македонија. Јас не сум член на ниедна политичка партија и знам дека работа за мене нема посебно не во моето родно место, мало гратче во источна Македонија. Не сакав да бидам товар на мојата мајка која и онака едвај заработува за живот, па сега јас можам да и бидам финансиска поддршка на неа. Не планирам да се вратам во Македонија, и не знам зошто некој млад човек би се вратил таму“ – ни сподели оваа 26 годишно момче.

Слична приказна ни раскажа и една 23-годишната Тања Буровска дипломирана економистка од Берово, која ја добила престижната титула „најдобар студент на генерацијата“, и студиите ги завршила со висок просек од 9,84. По едногодишната неуспешна потрага по достојно вработување, таа се одлучила на сезонска работа во Франкфурт, Германија и вели дека и следната година повторно планира да замине во оваа западно европска држава.

„Откако по речиси една година од моето дипломирање не добив никакви сериозни шанси за вработување во Македонија, иако бев најдобар студент во генерацијата, решив да побарам работа надвор од границите. Од друга страна, пак, сите достапни опции за волонтерската работа или стажирање во компаниите и државните институции, не нудат некои можности за отпочнување на кариера во земјава и токму тоа беше главната причина летово да заминам на сезонска работа во Германија. Доколку и по една година ситуацијата во Македонија се уште е иста и никој не преземе никакви напори да ги задржи квалификуваните и талентирани кадри во државава, без сомнение Германија ќе биде мојот избор и следната година“ –  рече оваа 23-годишна беровчанка.

И едно 24-годишниот момче од Делчево, кој по професија е дипломиран социјален работник,  пред неколку месеци заминал на работа во Англија, како што вели тој во потрага по достоинствен паричен приход. Моментално живее и работи во Бристол, а вели дека причината да замине од Македонија била неколку месечната потрага по вработување, која резултирала со една и единствена понуда за вработување во маркетите Рамстор за месечна плата од околу 8.000 денари.

Министерствата за внатрешни и за надворешни работи официјално објаснуваат дека не располагаат со никакви податоци за тоа колку македонски граѓани се иселени од земјава, колку од нив живеат надвор со регулиран, а колку со нерегулиран престој, бидејќи немаат инструменти како да пресметаат прецизна бројка. Се обидовме да стапиме во контакт со градоначалниците на Кочани, Виница и Делчево, бидејќи во овие источно македонски градови има највисок степен на миграција. Но, не добивме никаков одговор.

Некомпетентните им го земаат местото на квалитетните кадри

Поради тоа што над 50 отсто од младите луѓе во земјава се невработени, луѓето до 25 години, најчесто со универзитетска диплома, но и останатото активно население со понизок степен на образование, се повеќе одлучува да мигрира во развиените странски земји. Тоа придонело до пред 3 години од земјава да се отсели една четвртина од вкупното население. Ако се знае дека повеќе од половина студенти најавуваат дека би заминале во странство по завршување на студиите, постои реална опасност оваа бројка дополнително да се зголемува.

Во однос на тоа, експертите објаснуваат дека во време на масовна невработеност на младите, низок стандард, мали плати, побарувачката на работа во странство станува се поатрактивна. Некои од нив истакнуваат дека некомпетентните и нестручните се радуваат што квалитетните кадри заминуваат од земјата, бидејќи им го заземаат работното место. Упатените информираат дека како најатрактивни дестинации за мигрирање на младите важат Германија, Италија, Австрија, Шведска, Америка, Канада и Австралија, а најголеми реални можности за вработување се нудат во ОАЕ, односно во Катар и во Дубаи, додека не е за потценување бројката на млади кои емигрирале и работат за контингентите во Ирак и Авганистан.

„Откако и по неколку години младите не успеваат да се вработат, нивниот единствен излез е да мигрираат од Македонија. Ако во државата нема економски развој и ако во блиска иднина не се преземат долгорочни мерки за решавање на овој општествен проблем, младите се повеќе ќе бегаат надвор. Моментално, Македонија не им нуди квалитетна перспектива на младите преку избор на работа, особено во Источна Македонија, каде тенденцијата на иселување, и тоа не само на индивидуалци, туку и на цели семејства, е најзагрижувачка“, вели Петар Атанасов, професор по социологија и комуникации во Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, кој воедно е и висок функционер во опозициската СДСМ.

Илија Ацески, професор на Филозофскиот факултет, вели дека државата многу малку се грижи за високообразованите кадри, кои, според него, во потрага по достојна заработувачка се почесто го напуштаат родното огниште. Тој потенцира дека државата не обезбедува ништо за оние кои се стекнале со квалификација „доктор на науки“, посочувајќи дека Германија на сите кои докторираат им гарантира примања од минимум 3.500 – 4.000 евра.

„Кај нас пак постојат т.н доктори на науки кои немаат напишано ниту една публикација, додека оние кои го стекнале своето образование на квалитетен начин во странство се непожелни во нашата држава. Тие се игнорирани од страна на работодавачите, кои се плашат да ги вработат, а од друга страна тоа им оди во прилог на оние кои се неспособни и неквалификувани и се радуваат што таквите „мозоци“ ја напуштаат државата“, вели Ацески, кој додаде дека познава многу такви „мозоци“ од кои само еден останал да работи во државава.

Поранешниoт министер за финансии и гувернер на Народната банка, Петар Гошев, пак, посочува дека невработеноста и борбата за егзистенција ги тера младите се помасовно да ја напуштаат родната земја.

„Стапката на невработеност на младите во Македонија е натпропорционално повисока од останатите земји во регионот и изнесува фрапантни 55,7 отсто, што се должи на високата стапка на невработеност на вкупното активно население која изнесува 32 отсто. Од нив најмногу на удар е младината, бидејќи нема доволно работни позиции за оние кои сега завршуваат со своето образование“, вели Гошев, кој смета дека оваа е само бројката на младите кои се евидентирани како невработени, а има и такви кои што не се пријавени и тука бројката може да расте.

Или партиска книшка или во странство

Голем број на високообразовани кадри денес го подигаат бруто-нациоионалниот производ во многу земји низ Европа и Америка, со знаења стекнати во Македонија. Како што информираат од агенцијата за вработување во странство „Коузон Корпорација“, преку нивните студентски work and travel и intership програми на годишно ниво заминуваат околу 3.500 млади, иако претежно младите заминуваат само на неколкумесечна привремена работа. За најатрактивни дестинации за мигрирање на младите ги наведуваат Германија, Италија, Австрија, Шведска, Америка, Канада и Австралија, а најголеми реални можности за вработување се нудат во ОАЕ односно во Катар и во Дубаи, додека не е за потценување бројката на млади кои емигрирале и работат за контингентите ви Ирак и Авганистан.

„Причините поради кои голем дел од студентите кои откако ќе ја напуштат државата не се враќаат назад, според наши неформални сознанија е отвореноста на тамошните општества и можноста за добра заработка, која на младите им овозможува и добра заштеда, која понатаму можат да ја искористат за реализирање на некоја добра идеја, како на пример да се запишат на некој од приватните универзитети таму. Или пак како најчеста причина поради која младите сакаат да живеат надвор од Македонија е едноставно предизвикот да бидат самостојни, што реално кај нас не можат да си го дозволат“, објаснува Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“.

Според Марјан Забрчанец, извршен директор во Младинскиот образовен форум (МОФ) причина за големиот број на невработени висоокообразовани кадри е тоа што државата одлучила да го зголемува бројот на универзитети и со тоа да се мултиплицираат високообразовните институции кои нудат образование чиј квалитет според него и не е баш на некое завидно ниво.

„Во економските услови во кои живееме, на младите им остануваат две најчести опции. Да обезбедат партиска книшка и така да се надеваат на вработување во државна администрација или да ја напуштат државата. Одложувањето на проблемот се овозможува преку запишување на постдипломски студии, но за кратко. Тенденциите говорат дека младите побрзо ќе ја напуштат државата во потрага по подостоинствен живот, отколку да се „покоруваат“ на владејачките партии, со надеж дека ќе добијат работно место во државниот апарат. Дополнително, мислам дека за новите генерации државната администрација станува се помалку атрактивна, иако им се нуди како најголем работодавач“, рече Забрчанец.

Љупчо Зиков, новинар и основач на економскиот неделник „Капитал, воедно и еден од иницијаторите на Алијансата за позитивна Македонија која од движење прераснува во политичка партија, коментира дека веќе 23 години наназад, колку што и постои самостојна Македонија, прашањето со миграцијата на македонското население, а пред се на младите и работоспособни граѓани не е отворено, ниту пак, решено!

„Белата чума е најголемото зло со кое се соочува македонското општество во моментов. Веќе не треба да зборуваме за „два милиона граѓани“ кои живеат во нашата земја, туку за 1,7 милиони. Толку останавме. А најлошото нешто што може да и се случи на Македонија е токму континуираниот трендот на миграција, бидејќи ако и во следните 15-тина години изгубиме уште толкав број на граѓани како досега, и ако населението се сведе на само еден милион жители и тоа неактивно население, бидејќи младината веќе ја нема, тогаш за што се залагаме  ние денес, за што се залага оваа власт ако сме со помириле со овие трендови на иселување на младите, тогаш тука се губи значењето на борбата и за идентитетот и за името на државата. Нема за што да се бориме кога Македонија без младите ќе ја изгуби смислата за постоење“, предупредува Зиков.

Ивана Митковска

*Истражувањето е поддржано од Центарот за истражувачко новинарство Scoop Македонија во рамките на проектот „Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известување“

 

Најнови вести

Најново од Македонија, Ударни вести

Најчитани вести