Постој, Латасе, почекај, да ти кажам два збора…

Често те гледам како пазаруваш во „Тинекс“, тој во Центар, кај тунелот до НЛБ. Веднаш по вестите во 16 часот, доаѓаш овде, го паркираш џипот половина на улица, половина на тротоар,  затоа што ретко во 17 часот овде има слободно место за паркинг, пазариш набрзина и си одиш.

Носиш капа со „стреа“, оние што ги викаат „безбол-капи“, и лицето не може да ти се види, ниту пак ти можеш да видиш нешто од неа. На пример, не можеш да ме видиш мене, иако редовно се среќаваме, а не можеш да ги видиш ниту оние мали деца што редовно просат овде. Штом некој ќе излезе од „Тинекс“, тие веднаш му се залепуваат и му бараат пет денари. Веднаш до клупата на која седат тие, има еден повозрасен човек, кој ги чува. На крајот, тој им ги зема парите, а тие добиваат некое парче храна од соседната продавница за бели печива, од другата страна на тунелот, во зградата на Градскиот ѕид.

Нејсе, не дека е ова важно, ама сакам да ти кажам дека не гледаш, Латасе, од таа капата, ниту пак сакаш да видиш. Гледаш право и тоа што се случува околу тебе не го забележуваш. Малку да застанеш, да почекаш, ќе видиш сè, ама, ете, не сакаш.

Сакам да ти кажам дека ние, поголемиот дел од околината, не пазаруваме во „Тинекс“, ниту во „Веро“, ниту во „Рамстор“, ниту во „Сити мол“. Само ги поминуваме и си разгледуваме. Гледаме во излозите оти, како што ги направија, ептен ни се интересни. Научна фантастика! Знаеш ли зошто само шетаме? Затоа што немаме пари, а мораш да излезеш од дома, да ти се смират „живците“. Најчесто купуваме во помалите маркети и продавници, на пример во „КАМ маркет“, затоа што за две-три работи не се оди во големите, поевтино е, малите продавници имаат тетратка. Купуваме леб и зависи што планираме да јадеме, или млеко, или паштета, или кисело млеко и макарони. Тоа е таа мистериозна храна од која преживуваат Македонците, а да и јајца.

Зошто е тоа така, да те потсетам, не дека не знаеш, ама, еве, да си кажам.

Според Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е нешто повеќе од 21 000 денари, а добро знаеме колку Македонци ја земаат таа просечна нето-плата, оти поголемиот дел ја сонуваат. Зошто?! Затоа што откако се појави Законот за минимална плата, која во 2013 година изнесува 8 050 денари, на сите што едвај стигнале некако до плата од 12 000 или до онаа позната премија од 15 000 денари, работодавците им ја намалија на 8 000. Зошто да им даваат повеќе, кога можат помалку? Ете, оттогаш се појави и тој феномен кај македонските работодавци. Со закон даваат помалку. И тоа за тие што работат, а тие што не работат, замисли пак тие колку (не) земаат. Порано било поинаку, ама земјоделие, работа, за храна не трпеле тогаш. Сега ниту од земјоделие не можеш да живееш, оти децата ти бараат и компјутер. Друго време е ова Латасе, не може да се споредува со бабите.

Затоа, во тој регион за кој зборуваш дека нема мекици по две-три недели, всушност нема мекици со месеци, со години некаде; од минималната плата префрлена на сметка, половината ја враќаат. Земаат од 3 000 до 6 000 денари месечно (за ова се разбира немам докази, оти никој не смее да „муцне“,, па ќе мораш да ми веруваш на збор). И каде има тука простор за „себичност“, за „комодитет“, за „раѓање“? Ако веќе овде сакаш „да се извадиш“ со Албанците, тогаш прошетај се малку во западна Македонија, а потоа во источна. Овој дел на Македонија, каде што претежно е македонско население, нема автопат во 21 век, па види ти сега за каков дел од Македонија зборуваме. Сиромаштија невидена, и дрва нема. Намуртени до бесвест, без живот, заборавиле да се смеат… Оние што се преселиле, под кирија де, да живеат и да работат во Скопје, само тие Скопје го гледаат, другите каде останале – таму застанале.

Или, ако не ми веруваш на ова, погледни ги вестите од црната хроника: кога си прочитал или си слушнал дека во некое село од источна Македонија крадци ограбиле злато?! Е, во западна Македонија се случува такво нешто… но да не навлегувам сега во златото, правиме муабет за животот, а во денешно време парите живот значат.

Уште сум кај Истокот: во овие места има и куќи и станови за како што велиш да се прават деца но не дај Боже да ти затреба да заковаш некаде некоја шајка, не можеш маж да најдеш, сите се на работа по Словенија, Италија, Шведска, Америка, Авганистан… тоа се тие најчести земји „од соништата“, а тука е и онаа „фамозна“ Грција, која на лето апсорбира добар дел од македонските млади, но не на одмор, туку на работа.

И сега доаѓаме до она твое: „Се бега поради себичност и страв да се посветиш некому за да не го загубиш комодитетот. И кола кога имаш, е скапо, ама не се жали за бензин и за зимски гуми. И пушењето кошта бар триста евра годишно, ама се чури без милост. Да ги бројам ли пивата, ракиите, годишните одмори, новите телевизори, парфеми и лакови за нокти, брендираните кондури и џемпери…? Па, за куче да се чува во градските општини се троши колку за бебе и дете до претшколска возраст. А кучиња, во градовите, се чуваат сè повеќе“.

Не е вистина, се бега од немајкаде…

Според ССМ, на едно четиричлено семејство му се потребни 32 000 денари за да ги задоволи основните потреби во исхраната, превозот, облеката и во обувките, но и за посета на кино, еднаш во месецот. Кина во провинцијата многу-многу нема, но и со кино и без кино, од потрошувачката кошница, под претпоставка и двајцата во фамилијата да се вработени, не можат да стигнат ни до половина. Пак ќе прашам: каде ти тука броиш цигари, ракии, пива, кафеани…? Значи, зборуваме за основни трошоци за живот, не за луксуз и за пороци.

Каде го запозна тој што не се жали за скапи гуми и бензин? На плин возат и гуми не менуваат. Што тресеш зелени со пушење, со ракии, со кафеани…? Па, демек ќе ги броиш, тие не се пресметани во потрошувачката кошничка ниту пак во трошоците за живот и се знае кој најмногу ги финансира овие „активности“ на младите. Ама тоа не значи дека имаат пари. Удираш со овие пороци само за да докажеш дека имаш право и дека Македонците, ај што себични, биле и расипани. Кучиња чувале наместо деца, пушеле, пиеле… Ај, па ако треба и нека не јадат, само ти да имаш право. Ама не е така… Македонците не се „расипан“ народ и затоа заминуваат да работат во странство. Тоа ти се вика инстинкт, борба за живот. Порано се селеле кај што има вода, сега се селат каде што има работа. Ако сакаш да ги спречиш, дај им работа.

Што се однесува до кучињата, да те потсетам, детето не е куче, па му дадеш една паштета и тоа да си врти со опашката околу тебе цел ден. Каква ти е таа споредба? Кого навредуваш – децата или кучињата? А ако се чуваше детето во такви услови во какви што се чува куче, тоа не ти се вика живот, туку „кучешки живот“.

И, за крај, кога веќе завршивме со раѓањето, со комодитетот и со кучињата, да ти кажам нешто и за оние „себичните“ што се иселуваат?

Сигурно си видел низ град некогаш, ако ти паднала капата случајно, двајца возрасни, маж и жена, како одат сами, најверојатно во болница, на пазар, понекогаш и сам по сам. Има многу такви примери. Ќе ги познаеш по темнината на лицето. Некои може да ги сретнеш и на Клинички. Лежат таму со денови, нема кој да ги земе.

Знаеш ли зошто се такви? Затоа што децата што ги родиле и израснале не им се тука. Појди на аеродром, Латасе, и погледни кога оди авионот за Белград, кога полетува авион за Цирих и погледни колку плачат, сите плачат, Латасе, не толку затоа што се разделуваат, затоа плачат мајките и татковците, тие што заминуваат плачат затоа што знаат каде одат. Појди, Латасе, погледни ги солзите на Македонците, Македонци се тоа, твој народ, плачат оти одат да живеат далеку, каде што се сами, каде што немаат ни куќа, ни тој твој т.н. комодитет, ниту пак имаат деца, ништо немаат. Три генерации се жртвуваат за една од нив да може да живее нормално, и тоа пак не е дома, пак е живот во „гето“. Заробени засекогаш во една мала средина, изолирани како туѓинци, наспроти сите можности што им се нудат, кучешки живот живеат а кога се враќаат овде, плаќаат долгови, и по продавници, и сметки за ЕВН, и телефони, и за МТВ…

Ама пак одат, знаеш ли зошто? Не за комодитет, одат затоа што е полесно да се живее како „куче“ во друга држава, отколку да живееш како „куче“ во сопствената. Тоа им е туѓа земја и туѓ народ, но не е толку тешко да се прифати да те мразат и да те искористуваат како туѓинец затоа што таму тоа навистина и си, ама кога во сопствената земја ти го прават истото и кога на крајот некој со џип, безбол-капа, плата неколку пати поголема од просечната и со рид во Зелениково ќе ти рече „Скрати си малку од комодитетот“, е, тоа, Латасе, не се трпи. Е, тоа боли многу повеќе отколку во туѓа држава да ти го речат и најгрдото нешто што може кој било човек да го рече. Ама тебе не ти гајле, ти си зборуваш и си велиш, и дали некого ќе погодиш, ама ич не те интересира… свој народ повредуваш, Латасе. Наместо да речеш на тие 35 % невработени што уште од утре би можеле да работат да им дадат работа, на сите што се пријавени во Агенцијата за вработување и што реално бараат да им се даде работа, да се намалат тие 30 % на 15%, ќе видиш како ќе почнат мекиците, оти не сме ние народ како Данците и како Швеѓаните. Кој е тој што не сака да има фамилија, бе Латасе, кој? Пример, со име и со презиме?! Нема таков, ти гарантирам. Ама ако нема работа, се чувствува к’о половина човек, ма ни како човек не се чувствува. А нема ни капа да си го покрие лицето да не го гледаат…

И, да ти кажам, ако те интересира де, и за законот за мајки со три деца… не е тоа помош, Латасе, тоа е уценување, а ниту една пара не е доволна за да родиш дете што знаеш дека можеш да го чуваш само како „куче“, ништо да не ти бара ни за роденден ни за 5-ка во училиште, ни сладолед, ни велосипед, ништо, да го гледаш само како ќе се мачи, како ќе јаде секој ден макарони или паштета.

Знам што ќе речеш по ова, „Ама ти ова-она, од ваму-од таму, де СДСМ, де ВМРО“… знам… јас многу добро знам, само што проблемот е  во тоа што, што и да се каже, џабе е,  јас и ти можеме да „плукаме“ до бесвест и „да се удавиме во своите плунки“, ама тоа нема да им помогне на Македонците. А кој од политичарите најмногу им помогнал досега…? Ех, да имало такви навистина, во овие 22 години независност, ниту ти, ниту јас немаше да го пишуваме ова што го напишавме.

П. С. Ако со нешто те навредив, однапред ти се извинувам.

Пишува: Анета Тасова
aneta_vasileva_mala_slika

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести