Единствена цел ми беше на јавноста да овозможам да си го каже своето за тоа како се владее – вели најпознатиот американски бегалец во првото директно интервју кое го објави Вашингтон пост.
– Мојата мисија е завршена… Верувам дека цената на отворената дебата за овластувањата на нашата влада е помала опасност од нивниот раст во тајност, што е директна закана за демократското владеење.
Ова се клучните пораки од првото интервју лице во лице, кое Едвард Сноуден го даде за новинар. Единствена прилика со него да разговара дури повеќе од 14 часа, имаше Бартон Гелман, кој по 21 годишната кариера во Вашингтон пост е слободен новинар, публицист и предавач на Универзитетот Принстон.
Едвард Сноуден кој во традиционалниот избор за Личност на годината во весникот Тајм за таа титула бил најблизок конкурент на лауреатот, папата Франциско, за сега копираше непозната количина (според последните проценки дури 1,7 милиони) тајни документи на НСА и со тоа, како што констатира Гелман, го осветли глобалниот систем за надзор кој во име на националната безбедност е создаден по 11 септември 2011 година. – На Американците откри историја за која не знаеја дека ја имаат – вели американскиот новинар.
Ниту во овој текст нема дефинитивен одговор на централната дилема – дали Сноуден е саботер на националната безбедност на својата татковина или херој на јавноста. Интонацијата на текстот, но и најновите настани – пресудата на федералниот суд во Вашингтон, во која методите на НСА се нарекуваат орвеловски и каде се наведува дека уставноста и препораките на претседателската комисија на Белата куќа се сомнителни – ги водат наводите на ова второво.
Во разговорот со Гелман, Сноуден рече дека за мисијата бил одбран од систем кој немал никаков сериозен надзор. – Не ме одбраа како поединец со единствени способности, туку едноставно имав прилика да го направам тоа што го направив – некој мораше да биде прв.
Првпат изнесе дека за претерувањата во системот разговарал со некои колеги, додека бил во станицата на НСА на Хаваи. Вели дека 15 лица биле вџашени кога им демонстрирал една истрага која графички покажала дека се собираат многу повеќе податоци за Америка и Американците, отколку за Русија и Русите.
Тој објасни дека и три години пред тоа, додека работел во Јапонија, на шефовите на НСА предлагал да се воведе двоен клуч за копирање на податоците од централниот систем, што било направено дури откако почнало објавувањето на досијеата кои тој ги копирал и изнел.
Меѓутоа НСА, со која било контактирано пред објавувањето на ова интервју, соопшти дека нејзината истрага покажала дека нема докази за ова тврдење.
– Ќе ја елаборирам констатацијата за комплетираната мисија – Сноуден рече дека веќе е победник. – Откако новинарите се фатија за работа, се покажа оправдано се што почнав. Затоа што, запамтете, јас не сакав да го променам општеството, туку да му пружам шанса да одлучи дали треба да се менува. Се што сакав беше на јавноста да овозможам да го каже своето за тоа, како се владее.
Негов став е дека – опасната машина за масовен надзор расте без контрола. Тие кои требаа да ги контролираат надзорниците: Конгресот и тајниот суд, беа манипулирани од страна на агенција која требаше да ја контролираат. Со правилата за тајност подигнат е ѕид да се спречи јавна дебата.
Сноуден смета дека направил повеќе од што се надевал. Навикната да набљудува, а да не биде набљудувана, НСА денес е под лупа на истрага, под која не била од своето основање. – Не ми беше намера да ја срушам НСА, јас и сега работам за НСА, но тоа таа не го разбира – вели Сноуден.
Критичен е и кон претседателот Обама. – Она што е откриено, тоа се лаги на владата – вели Сноуден, наведувајќи го она што од Белата куќа беше соопштено по почетните откритија за шпионирањето на НСА во Германија. – Дека ние во Германија ги почитуваме германските закони и никогаш не ги контролираме германските граѓани. – Излажавме една странска земја, пред очите на Конгресот – вели Сноуден.


