Вкупно 13 сообраќајни несреќи се случиле во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје. Од нив, една е со потешки последици, а во шест полесно се повредени седум лица. Шест сообраќајки се со материјална штета.
Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се уште три незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај.
Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден откри и санкционира 11 возачи кои возеле со истечена дозвола, седум без возачка дозвола, додека 13 возачи не го користеле сигурносниот појас или зборувале на мобилниот телефон додека возеле. Двајца возачи ги управувале своите возила под дејство на алкохол и тие се исклучени од сообраќај, осум возачи не го почитувале ограничувањето на брзината на движење и двајца возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосница.
Со помош на специјалното возило „пајак“ биле отстранети 78 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Во рамки на сообраќајно воспитните акции денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе реализира едукативни работилници во ОУ „Лиман Каба“ и во ОУ „Петар Здравковски Пенко“ кои се наоѓаат во општина Бутел.
За денеска има најавено еден вонреден настан, односно по повод доделувањето на наградата „Автомобил на годината“ за 2014 година од 19:30 до 21:30 часот на дел од улицата „Јордан Мијалков“ на потегот од Мултимедијалниот центар до крстосницата со ул. „Герман“ сообраќајот ќе биде пренасочен на дел од десната сообраќајна лента во насока на движење во правецот од Капиштец спрема Кисела Вода. Со цел непречено и безбедно одвивање на оваа манифестација од страна на сообраќајната полиција во зависност од моменталните состојби ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, физичко регулирање, а по потреба и пренасочување на сообраќајот.
]]>


