Српски турист до смрт претепал Охриѓанец

Охридската полиција го расветли случајот околу смртта на едно лице во новогодишната ноќ во близина на кафе барот „Табана“, соопштувајќи дека станува збор за жител на Охрид кој бил до смрт претепан од српски турист.

 

 

Според СВР Охрид, станува збор за Димитар М. (27) од Охрид, кој им подлегна на повредите во општата болница во Охрид, откако претходно пред  кафе барот „Табана“ беше физички нападнат од еден државјанин на Република Србија.

 

Српскиот турист на сега починатиот на плочникот од улицата пред влезот на кафе барот му нанел повеќе удари со раце и нозе по главата и телото.

 

На овој напад, му претходела жестока вербална расправија помеѓу две групи во кои од една страна бил сега починатиот Димитар и уште други двајца негови пријатели а од другата страна бил српскиот државјанин од Краљево со уште двајца други негови пријатели. Оваа вербална расправија со меѓусебна турканица се случила внатре во кафе барот „Табана“. Тука понатамошниот тек на нарушувањето бил спречен од вработените во кафе барот. Напуштајќи го кафе барот, сега починатиот бил повторно физички нападнат од српскиот државјанин кој пред угостителскиот објект му задал повеќе силни удари со раце и нозе.

 

Од местото на настанот, Димитар М. кој имал сериозни телесни повреди со возило на брза помош е пренесен во општата болница во Охрид каде по половина час им подлегнал на повредите.

 

Со цел целосно расчистување на овој случај, СВР Охрид го обезбеди местото на настанот и во содејство и присуство на Јавен обвинител извршен е увид и обезбедени се материјални траги.

 

По добиени сознанија и усна наредба од судија во претходна постапка, извршен е претрес во седум соби во објектот „Табана“, со цел пронаоѓање на сторителите на кривичното дело.

 

Во една од собите, пронајден е српскиот државјанин за кој постојат основи на сомнение дека е сторител на физичкиот напад врз сега починатиот. Во истата соба, пронајдени и обезбедени се траги од крв и на дел од облеката на осомничениот. Во другите простории пронајдени се вкупно пет други српски државјани  кои биле заедно со осомничениот и биле соучесници во нарушувањето на јавнит ред и мир во објектот. Сите лица се приведени во СВР Охрид а три од нив по дополнителни оперативни мерки, се лишени од слобода.

 

Во тек се истражни дејствија препознавање што во СВР Охрид се вршат во содејство и координација со јавниот обвинител. Претходно преземени се мерки за анкетирање на очевидци и вработени во угостителскиот објект. По наредба на јавниот обвинител, беше извршена обдукција врз телото на починатиот.

Најнови вести

Најново од Ударни вести, Хроника

Најчитани вести