Ајде да се менуваме, па наместо да гледаме кон другите барем еднаш да погледнеме длабоко во себеси и да се увериме дека и ние можеме: и поинаку и подобро.
Ајде да создадеме силни индивидуи и да произведеме синергија преку која ќе го победиме стравот и ќе го елиминираме слепото полтронство.
Ајде да бидеме толерантни и емпатични, наместо да се делиме по секој можен основ и да му замеруваме дури и на Сонцето – што денес огреало.
Ајде да се обединиме и да им подадеме рака на сите оние коишто се поразлични од нас, наместо секогаш кон нив да го вперуваме нашиот прст и зајадлив поглед.
Ајде да се солидаризираме со сите маргинализирани и дискриминирани поединци или групи, и заедно да чекориме нанапред наместо да им се исмеваме.
Ајде да се надоградуваме и едуцираме наместо инертно да чекаме партијата да ја обезбеди нашата егзистенција и да се смилува на нас.
Ајде да се бориме за нашите права и слободи, и да покажеме дека вредиме многу повеќе од обични референти, советници или соработници кои се врбувани од и во служба на “големите кецароши”.
Ајде да ја негуваме нашата култура, уметност и традиција наместо секој понеделник да кукаме зошто во неделата махинално сме се опијаниле на Аца Лукас.
Ајде да откриеме нови светови наместо секојдневно да се вртиме во круг нервозно гужвајќи ги промашените тикети од спортска прогноза и немо подместувајќи ги нашите неплатени сметки.
Ајде да се бунтуваме на секое нанесено зло или неправда кон нашите собраќа и заедно да го дигнеме гласот наместо да релативизираме, да спинуваме и да се тешиме дека не сме ние во прашање.
Ајде да ја зачуваме животната средина наместо да ја злоупотребуваме и лукративно да се обидуваме да профитираме од неа патем заборавајќи дека така го уништуваме нашето здравје и иднина.
Ајде да градиме хумани вредности наместо споменици и галии, и наместо да стоиме укотвени во место покрај нашиот сопствен измет на светот да му ги покажуваме нашите моредни иновации и изуми.
Ајде да ги почитуваме сите мислења и ставови, да спориме наместо да оспоруваме, и да креираме наместо да се докажуваме.
Ајде да викнеме “ајде” и да ја (из)градиме и живееме нашата иднина – овде! Бидејќи, само од нас зависи!
Пишува: Перо Костадинов


