Случај „Транспортер“: Менаџерот на „Молика“ побара одложување заради турнеја по Австралија

Менаџерот на музичката група „Молика“, Џими Мицевски, обвинет во случајот „Транспортер“ поврзан со превозот на ученици во Битола, денеска од Кривичниот суд во Скопје побара одложување или одвојување на постапката бидејќи имал закажно турнеја во Австралија.

– Договорени ми се пред една година. Ќе го зафркнам бендот со кој свирам. Закупивме сали во Австралија, потпишав договори. Ако не ги исполнам по моја вина, плаќам пенали во износ од 50 илјади долари – рече Мицевски, кој свири во фолк групата Молика.

Од СЈО рекоа дека тој подолго од една година знае дека е обвинет, додека одбраната реагираше дека уште во текот на истрагата Мицевски ги известил дека има турнеи и концерти.

Меѓутоа, покрај дискусијата кога да се одржи следното рочиште, дали на 13 декември или по завршување на празниците односно во втората половина на јануари, се одложи и рочиштето кое требаше да се одржи денеска. Причината е што поради боледување, во судницата не беше присутна една од обвинетите.

И минатото рочиште беше одложено зашто и тогаш недостигаше друга обвинета која поради застој на патот од Битола кон Скопје не можеше да стигне во судот.

Во „Транспортер“ обвинети се вкупно 22 лица од кои првообвинет е екс градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, за проневера на 360.000 евра преку злоупотреба на службената положба при организирање на ученичкиот превоз.

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести