Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика земјите-членки да го затворат недостигот од 100 милиони долари во готово во Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA), јавува ДПА.
Покрај болните мерки за штедење и контрола на трошоците со кои се соочува, дефицитот ја спречува оваа агенцијата да ги исполни своите тековни обврски, изјави синоќа Гутереш на донаторската конференција за UNRWA во Њујорк.
„Тие не можат да продолжат вака без итна поддршка и финансиска поддршка од земјите-членки“, рече тој.
Обединетите нации ја основаа UNRWA во 1949 година за да им помогнат на околу 700.000 палестински бегалци. Палестинците кои избегаа или беа раселени за време на војните од 1948 и 1967 година, како и нивните потомци, имаат право на нејзините услуги.
Според UNRWA, околу 5,9 милиони луѓе сега потпаѓаат под нејзин мандат, а бројот продолжува да расте. Агенцијата, меѓу другите земји,работи и во Јордан и Либан, потсетува ДПА.
UNRWA се соочи со обвинувања дека некои од нејзините вработени биле вклучени во терористичките напади предводени од Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година. Според израелските бројки, 12 од околу 13.000 вработени на UNRWA во Појасот Газа биле вклучени во исламистички мотивираниот терористички напад.
Гутереш рече дека ситуацијата на агенцијата станува сè понеизвесна.
„Згрозен сум од континуираните напори за маргинализирање и поткопување на UNRWA. Преку дезинформации, кампањи за клеветење, законодавни мерки, оперативни ограничувања, дипломатски блокади. И уште многу други работи“, рече тој.
Тој беше дециден дека ваквите акции ја загрозуваат благосостојбата на милиони Палестинци.
UNRWA соопшти дека добила околу 887 милиони долари во ветувања и 829 милиони долари во придонеси во 2025 година, што покрива само 27 отсто од вкупните потреби за финансирање од 3,3 милијарди долари, потсетува ДПА.
МИА


