(ВИДЕО) Шекеринска: МИА треба да ја храни и одржува македонската демократија

Сметате ли дека рејтингот на МИА се движи во нагорна линија и дали сте задоволни од содржините кои ги нуди? Не сум информирана доволно за да кажам како јавноста ја гледа МИА. Но, мислам дека како државна информативна агенција сите ние сме имале тенденција, навика, желба да и веруваме на МИА. И за жал, одредени работи го нарушија тој имиџ, но генерално во Македонија се создаде скепса кон сите институции, кон официјалните вистини, кон информациите коишто се пласираат во етерот и сите плативме цена и како граѓани и вие како институција. Убедена сум дека во последнава година се гледа промена и во политичкиот амбиент, но се гледа промена и во работењето на МИА. Фактот дека оваа година за првпат меѓународните листи за медиумски слободи – Извештајот на „Фридом Хаус“ велат дека Македонија се враќа на меѓународната сцена како држава со подобри медиумски слободи, е плус и за МИА. Се разбира, вие не сте единствени на медиумскиот пазар, на медиумската сцена, но мислам дека како Агенција можеби имате и најголема улога. Последнава година Македонија од страна на „Фридом Хаус“ беше оценета како најоптимистичка држава во поглед на медиумски слободи не само на Балканот, туку и во Европа и дека таа промена на политика на Владата, на амбиентот, на правилата стана многу видлива. Ако пред само две години беше ерес да се критикува Владата, тоа сега се работи и слободно и постојано. Ако пред неколку години државните, особено медиумски куќи беа користени за пропаганда, денес тие се најгласни во барање на одговорност, отвореност, транспарентност. Сето тоа покажува дека Македонија научи од грешката. Убедена сум дека и МИА научи од своите грешки и дека сега кога ќе ја спомнеме МИА мислиме на Агенција која што има државна, а не партиска и политичка задача и тоа е голем плус. Очекувам МИА да се развива така и во иднина. Има и уште една сфера која убедена сум дека е многу важна во работењето на МИА, бидејќи Македонија е мала држава со прилично комплексен медиумски простор во којшто има многу медиуми, расцепкан е просторот и многу тешко е дел од тие медиуми да обезбедат вистински, точни, релевантни информации од странство. МИА е можеби институцијата која тука највеќе може да придонесе со отворање, одржување на дописништва во странство, бидејќи Македонија секогаш ќе зависи од тоа што се случува во светот. Ако сме како ној кој ќе ја стави главата во песок и мислиме дека само тоа што се случува во Македонија е важно за нас, некои негативни процеси во светот можат да не изненадат. Со вистинска информација во клучните светски центри подобро ќе бидат информирани граѓаните, подобро информирани ќе бидат и институциите и ќе носиме одлуки кои ќе бидат оправдани. Со каква порака би и го честитале 20-годишниот јубилеј на Македонската информативна агенција? Сакам да им честитам на сите оние кои професионално работеле сиве овие години и кои ја граделе Македонската информативна агенција. Да им се заблагодарам како граѓанин за вистинските и навремени информации со кои не наоружале, со кои не информирале и да им посакам на професионалците во МИА да бидат фокусирани на вистинската задача, а тоа е информацијата да биде точна, навремена, релевантна, да биде достапна и до македонските граѓани и до македонските медиуми. Вистината е ваше и наше најголемо оружје и се додека таа е фокусот на работата на МИА, МИА ќе има и резултати и успешни јубилеи и ќе создаде добар имиџ. Габриела Точко Фото/видео: Дарко Попов Емил Јордановски Извор: МИА ]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести