Пораки на поддршка Со ист став се огласи и Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. „Фактот што огромно мнозинство од тие што гласаа го поддржаа Преспанскиот договор е важен. Генералниот секретар ги повикува сите политички сили во земјата да продолжат со имплементација на Договорот во институциите на земјата. Генералниот секретар ја нагласува посветеноста на ОН да ја обезбеди потребната поддршка, ако е потребно“, се вели во изјавата на Гутереш. Пораки да се искористи шансата стигнаа и од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тие преку заедничко соопштение потенцираа дека Договорот создаде историска шанса Македонија да и се приклучи на трансатлантската заедница како еднаков член. „Сега е во рацете на политичарите во Скопје да одлучат за патот понатаму. Одлуките кои ќе ги донесат во наредните денови и недели ќе ја одредат судбината на нивната земја и нивниот народ за многу генерации. Ги охрабруваме да ја зграпчат оваа историска прилика“, се вели во зедничката изјава. Нов обид за опструкции Но, волјата на мнозинството кое се изјасни „за“ Договорот, не добива признание од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот лидер Христијан Мицкоски синоќа во интервју за ТВ „Алфа“ повтори дека Договорот не добил легитимитет на референдумот. Тој го смета Договорот со Грција за мртов и рече дека партијата е подготвена за вонредни избори кои ги најавува Заев „доколку не блефира“, но потенцираше дека претходно треба да се завршат некои работи: оставка на државниот јавен обвинител и избор на нов по предлог на опозицијата, да се формира Анкетна Комисија во Собранието која ќе ги истражи сите сомнителни работи околу референдумот, па дури потоа да се формира пржинска влада која ќе функционира 100 дена пред избори. Во ваквите барање, аналитичарите препознаваат нов обид на опозицијата со дополнителни условувања да го опструира процесот и Договорот, чие спроведување е врзано со конкретни временски рамки. Најголемиот дел од нив не веруваат дека власта ќе наиде на поддршка кај опозицијата за уставни измени, и сметаат дека вонредните избори се неизбежни. Вицепремиерот Бујар Османи, вели дека прво треба да се исцрпат сите можности за да се добие двотретинска поддршка во Собранието, а потоа да се разгледуваат други варијанти. „Бројката од 606.000 гласови ‘за’ им дава целосен легитимитет на институциите да продолжат со имплементација на обврските од овој меѓународен договор“, рече Османи. Коѕијас верува во успех Исходот од оваа критична недела во Македонија, со интерес се следи во Грција. Резултатите од референдумот беа тема и на грчката државна телевизија (ЕРТ) каде гостувал министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас. „Имавме информации од Владата на Скопје дека учеството ќе биде помеѓу 40 и 45 отсто. Ние, од своја страна, очекувавме околу 41 отсто, но беа пониски од тоа“, изјавил Коѕијас. Тој искажал увреност дека Договорот ќе стигне до грчкиот парламент во март и дека ќе биде ратификуван и од грчкиот законодавен дом. „Ние сме сериозна влада. Направивме преговори затоа што имавме сериозна загриженост за влијанието на трети сили на Балканот кои историски не се пријателски за нас. Ние сме сериозна влада и сериозно преговараме“, изјавил Коѕијас, додавајќи дека Договорот ќе има поддршка во грчкиот парламент „и со повеќе од 151 глас“. Извор: ДВ]]>


