Станавме членка а НАТО, почнуваме преговори со ЕУ, направивме пријатели во светот, ги покачивме платите, 300% ја зголемивме социјалната помош, невработеноста ја намаливме на помалку од 17%, медиумите се сосема слободни и гласни, нагласи Шекеринска.
Не можеш, како што правеше ВМРО ДПМНЕ, на избори да велиш – ќе ја внесеме државата во ЕУ и НАТО, ќе ги покачиме платите, ќе се погрижиме за сиромашните и за социјалните случаи, граѓаните ќе имаат повеќе пари – а потоа не само да не го оствариш тоа, туку да ја скараш и изолираш земјата со сите, да ја блокираш цели 11 години, да не се ни обидеш да најдеш решение што ќе ја отвори евроатланската перспектива, силно да се противиш на повисоки плати и како власт и како опозиција, да ги погазиш сите права на своите граѓани, да ја згазиш слободата на медиумите, иднината на сопствената земја – а од друга страна да градиш бела палата и да ги полниш своите и сметките на најблиските извршители со парите на граѓаните низ тајни криминални зделки. Тоа граѓаните го паметат и нема да дозволат да се повтори, истакна Шекеринска.
Европската перспектива на државата по 11 години власт на ВМРО-ДПМНЕ е отворена и сега претстои период на нејзино исполнување и во процесот на членство во Европската Унија, додаде Шекеринска.
-Преговарачката рамка е промоција на македонскиот јазик како иден службен јазик на Европската Унија. Ние водиме политики на партнерства и пријателства, а македонскиот јазик е признаен и прифатен од целиот свет, впишан во картата на ОН. Договорот со Бугарија која е наш сосед и пријател, е потпишан на македонски јазик. Пропаднаа сите надежи на опозицијата дека ќе можат да го сокријат ова – дека успеавме да се потврдиме во светот со јасен и цврст идентитет – како македонски народ, кој зборува македонски јазик. Ние преку дијалог и пријателство дојдовме до тука, така и ќе продолжиме, порача Радмила Шекеринска, носителка на листата на Коалицијата „Можеме“ во петтата изборна единица, во интервју за Прес24.


