Како што објаснија од МВР „станува збор за претходно запленета дрога, која останала скриена под седиштето на автомобилот, запленет во царинска акција уште во 2016 година“.
Според истражувањата на весникот „Слободен печат“ вистината за целата наводна афера има донекаде и трагикомична сцена. Според сознанија до кои дојде медиумот, приказната за дрогата започнува во летото 2016 година. При царинска контрола на граничниот премин „Табановце“ во возило „крајслер војаџер“ при обид за влез во Македонија, царинските работници пронашле дрога марихуана. Веднаш била известена полицијата, која го привела возачот, а ги запленила дрогата и возилото. Случајно или не, токму при царинската проверка на возилото се случил пропуст и не биле проверени задните седишта на возилото каде што шверцерите скриле одредена количина дрога. По завршување на судската постапка против шверцерите, „крајслерот-војаџер“ бил даден во Агенцијата за запленет имот, а потоа возилото завршило во сопственост на МВР. Од 2017 година до денес „крајслерот“ полн со дрога се возел за службени потреби низ земјава, сè до четвртокот попладне. Истиот ден вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР се упатиле на обука во Црна Гора и за патување до таму го задолжиле фамозниот „крајслер“. Кога стигнале на границата меѓу Албанија и Црна Гора, полициско куче од црногорската полиција ја надушкало дрогата, а тамошните погранични служби откриле спакувана марихуана, која била скриена во бункери под седиштата.
Набрзо по настанот било алармирано македонското МВР, кое потврдило дека вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство, по што македонските полицајци се вратиле во Скопје, а за целиот случај е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување и расчистување на случајот.
Извор: „Слободен печат“
]]>


