Јапонскиот астроном Даичи Фуџи, куратор на градскиот музеј Хирацука, го снимил блесокот што се појавил откако метеорит удрил во Месечината. Овој вселенски настан се случил на 23 февруари во 20:14 часот по јапонско време. Се чини дека метеоритот удрил во близина на кратерот Иделер Л, северозападно од кратерот Питискус.
Метеорите се движат со просечна брзина од околу 48.280 km/h. При ударот, поради големите брзини се создава интензивна топлина и се формира кратер, односно се случува еден вид експлозија и такви настани доколку се доволно големи и доколку се случат во текот на лунарната ноќ на страна на Месечината свртена кон нас, може да се видат од Земјата.
„Новоформираниот кратер би можел да има дијаметар од десет метри и веројатно би можел да биде снимен од Лунарниот извидувачки орбитер на НАСА или индискиот Чандрајаан 2“, изјавил Фуџи, пренесе „Space.com“.
Иако метеорите влегуваат во нашата атмосфера секој ден, огромното мнозинство од нив согоруваат при влезот. Но, Месечината има многу тенка егзосфера, што значи дека метеорите кои нема да стигнат до површината на Земјата обично ја погодуваат Месечината, додавајќи нов сегмент на нејзината живописна површина со кратери.


