Изненадување во Кан: „Златна палма“ за Харисон Форд

Холивудската легенда Харисон Форд (80), кој дојде на Филмскиот фестивал во Кан да го претстави петтиот и последен дел од серијалот „Индијана Џонс“ во кој го глуми славниот археолог, вчера ненајавено пред прикажувањето на филмот ја доби почесната Златна палма.

– Длабоко сум трогнат од ова признание – рече видно возбудениот 80-годишен американски актер.

Кога објавија дека петтиот дел од оваа филмска авантура ќе биде премиерно прикажан во Кан, организаторите посочија дека ќе му оддадат почит на Харисон Форд, неоткривајќи за што се работи.

„Индијана Џонс 5“ оди на киноплатното пред пошироката публика на крајот на јуни.

Покрај Форд, почесната Златна палма годинава доби и Мајкл Даглас (78), уште едно големо име на американската кинематографија. Актерот наградата ја доби во вторникот, на свеченото отворање на 76. Кански филмски фестивал.

Во 2022 година, Том Круз ја доби и почесната „Златна палма“ пред прикажувањето на филмот „Топ ган: Маверик“.

Најчитани вести