Српската пејачка на народна, фолк и поп-фолк музика Ана Бекута со видео порака го најави својот настап во рамки на фестивалот Фолк Фест Валандово, годинава.
-Мили мои, еве ме повтороно кај вас во Валандово, наскоро, поточно на 27 мај. Се радувам на нашата повторна средба и едвај чекам повторно заедно да играме и пееме“, порача пејачката во пораката што ја објави градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, на неговата страница на Фејсбук.
Годинашното 36. издание на фестивалот „Фолк фест Валандово 2023“ ќе се одржи на 28 мај (недела), во салата „Јанко Узунов“, со една натпреварувачка вечер, на која ќе бидат изведени 20 новосоздадени фолк композиции, кои на неодамнешната прес конференцијата во Валандово, беа распоредени преку жребување.
Ќе настапат голем број познати македонски пејачи со свои новокомпонирани песни, во придружба на оркестар, а фестивалот директно ќе го пренесува Македонската телевизија.
Фестивалот ќе го отвори Анета Мицевска со групата „Молика“, која ќе ја испее песната „Букет од сомнежи“, чиј автори се браќата Миле и Ѓорѓи Барбаровски, а последен 20-ти ќе настапи младиот интерпретатор Игор Ангелов, исто така со песната од музичката работилница Барбаровски.
На фестивалската сцена ќе ги слушнеме и популарните: Душко Георгиевски, Перо Христов, Нино Величковски, Мишко Крстевски, Јасмина Гуњова, Ибуш Ибраимовски и други. Меѓу авторите застапени на годинашниот фестивал е и Милан Зафков, чија песна „Доста е веќе“ , на текст на Орце Зафировски ќе ја испее Емилија Иванова. Исто така во ревијалниот дел , додека се бројат гласовите од публиката и од жирито, познати пејачи ќе испејат познати фоилк рефрени на маестро Милан Зафков.
Наградата за животно дело оваа година постхумно ќе му биде доделена на валандовчанецот Ѓоко Дончев, за сè што стори за Валандово и за валандовскиот фестивал.
Претходно, на 26 и 27 мај, на градскиот плоштад во Валандово ќе се одржат две предфестивалски вечери на кои ќе настапат реномирани изведувачи од македонската и балканската музичка сцена.
Првата вечер, на сцената на градскиот плоштад ќе настапат: „Распеани валандовчани”, Јоце Панов, како и познатиот и популарен пејач од Србија, Жељко Самарџиќ. Втората вечер сцената на градскиот плоштаде резервирана за: Ефто Пупиновски, познатата српска пејачка Ана Бекута која своевремено има настапено на овој познат македонски фолк фестивал која ја отпеа песната „Стариот џумбушлија“, која сеуште живее меѓу народот, како и познатата македонска поп група „Куку Леле”.
„Фолк фест Валандово” прв пат се одржа во 1985 година.


