Легендарната рок пејачка Тина Тарнер почина синоќа по долго боледување на 83-годишна возраст во нејзиниот дом во близина на Цирих, Швајцарија.
Таа зад себе остави голем број безвременски хитови, но еден од нив и еден од најпознатите воопшто не ѝ се допаѓал. Како што самата раскажува во документарниот филм за неа на „HBO“ направен во 2021 година, се работи за песната „What’s Love Got To Do It“, од албумот „Private Dancer“ за која ја доби и наградата Греми.
„Грозна и ужасна песна. Јас сум рокер, а таа беше поп песна“, изјави Тарнер во документарецот.
Нејзиниот менаџер во тоа време, Роџер Дејвис, бил воодушевен од песната и, очигледно со право, мислел дека ќе биде голем хит.
„Ѝ реков дека тоа е како трчање. Потоа двајцата станавме и започнавме да трчаме. Така Тина го фати ритамот на песната и си ја адаптираше како за неа“, изјави Дејвис во филмот, а Тарнер потврдила дека било така.
„Ја сменив песната и си ја направив како за мене“, дополни Тарнер.
Кралицата на рокенролот продаде повеќе од 180 милиони албуми и освои 12 Греми, а нејзините песни се обожавани од многу генерации.


