Осомничениот Далибор Драгијевиќ (40) од Бор, кој во саботата добил притвор до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека му помогнал на Дејан Драгијевиќ (50), осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ по извршеното кривично дело, починал во Полициското одделение во Бор, објави српски Блиц.
На Далибор Драгијевиќ му се слошило во раните утрински часови и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе со реанимација, тој починал во 3 часот и 10 минути, а лекарот од судска медицина констатирал природна смрт.
За настанот веднаш е известено Вишото јавно обвинителство во Заечар, кое нареди обдукција во Институтот за судска медицина во Белград.
Итната помош рано денеска пристигнала пред куќата на Дејан Драгијевиќ, осомничениот за убиството на Данка Илиќ (2).
Како што јавуваат новинарите на „Блиц“ од местото на настанот, неколку болничари влегле во куќата во село Злот кај Бор.
Се претпоставува дека во куќата моментално е само мајката на Дејан Драгијевиќ, бидејќи вчера беа уапсени неговиот татко и брат под сомнение дека помагале да се сокрие телото на убиената Данка Илиќ.
Да потсетиме, Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, кои беа уапсени под сомнение за убиство на Данка Илиќ, беа сослушани во петокот вечерта, а вчера им беше одреден притвор. Драгијевиќ пред обвинителот го признал делото, а Јанковиќ се бранел со молчење. Потоа на двајцата им беше одреден притвор до 30 дена.
Во меѓувреме полицијата ги уапси Раде и Далибор Драгијевиќ, таткото и братот на Дејан Драгијевиќ, под сомнение дека му помагале да го премести телото на убиеното девојче. Тие треба да бидат сослушани денес.


