За три дена ќе биде одбележана годишнината од страшниот масакр што се случи во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар, кога момчето-убиец Коста Кецмановиќ влета во училиштето и уби девет деца и чуварот на оваа образовна установа.
Во Вишиот суд во Белград се водат повеќе постапки против родителите на момчето убиец од основното училиште Рибникар – кривични и граѓански. Драган Милошевиќ, претседател на Вишиот суд во Белград, открива како изгледа да се работи на ваков предмет, пишува republika.rs.
– Конкретно се водат пет граѓански постапки за надомест на нематеријална штета и една кривична постапка. Станува збор за низа случаи кои ги пренесоа медиумите, на кои нормално е понапорно да се работи, особено што жртви на трагичен настан се деца и училишен чувар. Посебно сакам да напоменам дека судиите кои постапуваат во овие случаи досега покажаа исклучителна ажурност, поради што разумно очекувам сите овие предмети пред Вишиот суд во Белград да бидат завршени во текот на 2025 година – изјави Милошевиќ за Блиц.
Да потсетиме, Коста Кецмановиќ, ученик во ОУ „Владислав Рибникар“ на 3 мај уби девет свои врсници и училишниот чувар. Утрото со намера да направи масакр доцнел на училиште и на час по историја, а потоа со два пиштоли на татко му и ранец полн со молотови коктели влегол на влезната врата од училиштето и отворил оган. Тој прво ги убил чуварот и двете девојчиња кои биле дежурни, а потоа влегол во кабинетот за историја каде неговото одделение имало час и испукал рафал. Во таа прилика убил уште шест негови врсници, додека уште тројца тешко ранил и наставничката по историја. Дванаесет дена подоцна, уште едно девојче за жал им подлегна на повредите.
Момчето-убиец е на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци од 3 мај, додека неговиот татко Владимир Кецмановиќ е во притвор, а против него се води граѓанска и кривична постапка, како и против мајката на Коста, Миљана Кецмановиќ, иницирани од родителите на убиените деца.


