Српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм објави видео на кое се гледа каде ќе биде сместен во наредните неколку дена.
Имено, тој од денеска до 9 септември престојува во Подриње, а во видеото се пофали дека нема да спие во хотел, туку во барака во касарната. Тој покажа како изгледа неговата соба, купатилото и просторијата каде, како што вели, ќе спие. Ги покажа креветот, телевизорот и фрижидерот.
„Овој мал фрижидер го донесоа од мојата канцеларија во Белград“, вели Вучиќ.
Тој ги покажа и кошулите во плакарот велејќи дека се подготвени.
„Следните денови ќе бидат интересни. Очекувам дека ќе направиме многу за луѓето. Како што гледате, ќе ми биде прекрасно и убаво, и се надевам дека луѓето ќе бидат задоволни за сè што правиме за нив – изјави Вучиќ на крајот од видеото.
Но, тоа не е сè.
Претседателот на Република Србија за војниците во касарната „Поднаредник Момчило Гавриќ“ во Лозница подготви и послужи палачинки.
„Важно е да се учествува…“, напиша тој заедно со описот на фотографијата на која се гледа како помага во кујната за подготовката на палачинките за војниците.
„Се сеќавам на моите војнички денови, како и на вечната желба да јадам палачинки во мензата… Сега е време да им ја исполниме таа желба на нашите војници. Иако во моите стари тави секогаш ми успеваше, овде ништо. Подобро да оставам и да ги послужам војниците, тоа барем можам. Момци, еве повелете“, стои во описот на видеото на Инстаграм.
„Донесовме некои други важни одлуки за кои ќе разговараме во наредните денови. Имаме огромен број луѓе кои чекаат ортопедски помагала и операција на катаракта. Јас лично ќе се позанимавам со тоа. Имаме повеќе од 42.000 луѓе кои чекаат помагала и лично ќе надгледувам“, најави Вучиќ.


