Кандидат од Ново Сараево се сомнева во исправноста на резултатите од изборите: Добил нула гласови таму каде што живее

Алдин Криван, кандидатот на СДП за Советот на општина Ново Сараево, се шокирал од резултатите од изборите откако не добил ниту еден глас во неговото избирачко место.

Криван тврди дека тоа е невозможно и очигледно е дека е ограбен на овие локални избори.

„Се додека имаме општински изборни комисии именувани од Советите на општините и именувани од политички субјекти, изборниот процес ќе биде компромитиран. Имам нула гласови на моето избирачко место, каде покрај мене гласаат и моето семејство и целата населба“, изјави Криван.

Тој истакна дека е сигурен оти има барем еден глас, неговиот и додаде дека набљудувачите веќе го информирале дека на тоа избирачко место добил околу 30 гласа.

„Иако од набљудувачите и членовите на избирачкиот одбор добив информација дека на ова место имам 30 гласа, при внесувањето на податоците е внесена нула. До кога изборната волја на граѓаните ќе биде предмет на манипулација од поединци, останува да видиме. Веднаш напишав приговор и го испратив на адреса на општинската изборна комисија, па да видиме што ќе биде“, рече Криван, пренесе „Аваз“.

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести